За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Втор состанок на координативното тело за справување со странско мешање и манипулирање со информации (СММИ)

Минатата недела, ИКС го одржа вториот состанок на координативното тело чија цел е да придонесе кон дефинирање на поефикасни политики и практики во справувањето со СММИ и зајакнување на демократската стабилност во земјата.

Состанокот се одржа во рамки на проектот „Следење, откривање и разобличување на скриеното странско мешање и манипулирање со информации“, финансиран од Владата на Обединетото кралство со поддршка на Британската Амбасада во Скопје. На состанокот учествуваа претставници од повеќе државни институции, а за првпат присуствуваше и претставник од Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам.

Оваа средба е продолжение на првиот состанок кој беше одржан на 15 јули. Целта беше членовите подетално да се информираат за досегашните активности на проектот и да се отвори дискусија за тоа како тие можат да се користат или прилагодат во работата на институциите, особено во справувањето со манипулацијата со информации од надворешни актери.

На состанокот беа присутни претставници од: Министерството за внатрешни работи, Министерството за дигитална трансформација, Државната изборна комисија (ДИК), Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги (ААВМУ), и Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам.

На присутните им беа презентирани документот за јавни политики (кој ќе биде објавен кон крајот на ноември) и првата студија на случај изработени во рамки на проектот. ИКС претстави и дел од другите тековни активности, како обуките за ранливи групи и ресурсите за справување со СММИ.

Главниот дел од дискусијата беше насочен кон документот за јавни политики, кој предлага модел за национален систем што ќе ја зајакне државата против странски влијанија. Претставниците на институциите истакнаа дека е потребна појасна политичка поддршка, подобра меѓусекторска координација и ажурирани закони, особено во дигиталната сфера и хибридните закани.

Како најголеми предизвици беа наведени: недостиг на стручни кадри, застарена стратегија за хибридни закани и потреба од законски измени. Од ДИК посочија дека е потребно посебно координациско тело за изборните процеси, а ААВМУ предупредија дека онлајн медиумите сè уште се во регулаторен „вакуум“ и дека има нејаснотии околу примената на европските дигитални закони во земјите-кандидатки.

Беше најавена и втората студија на случај чиј фокус е улогата на инфлуенсерите во СММИ, како и нови алатки за справување со СММИ. Институциите дадоа идеи како овие содржини може да се вклучат на нивните платформи или веб-страници.