За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Во Собранието се одржа стручна средба за справување со странско мешање и манипулирање со информации

Во Северна Македонија не постои систематизиран пристап за справување со странско мешање и манипулирање со информации (СММИ), ниту институционален механизам за брза и координирана реакција. Оваа празнина во политиките ги загрозува националната безбедност, јавната доверба во институциите и демократската стабилност. Ова беше констатирано на денешната стручна тематска средба посветена на заканите од СММИ, организирана од собраниската Комисија за одбрана и безбедност во соработка со Институтот за комуникациски студии (ИКС).

„Нaшата земја не е имуна на овие предизвици. Како геостратегиски важна држава, членка на НАТО и кандидат за членка во ЕУ, Македонија е изложена на овие закани кои бараат да дејствуваме интегрирано, општествено и медиумски. Како Комисија за одбрана имаме обврска да ги следиме и да дебатираме за безбедноста и тоа не само за традиционалните закани“, изјави претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, генерал д-р Павле Арсоски.

Александра Теменугова од ИКС кажа дека за препознавањето и справувањето со странското мешање и манипулирање со информации потребна е институционална зрелост и општествена отпорност.

„Нашиот фокус е да ја кренеме темата за малициозното и наменско манипулирање со информации кое доаѓа од надворешни актери – државни или недржавни повисоко во јавниот дискурс. Целта ни е заеднички да укажеме на штетните последици од ваквите софистицирани тактики и техники кои тешко се препознаваат, иако многу вешто го запоседнуваат јавниот простор, влегуваат преку културата, религијата, бизнисот, етничките односи. Но, сето ова не можеме да го направиме сами. Ако ги следиме релативно успешните модели за справување со СММИ во повеќе земји во ЕУ, рецептот за успех неизоставно лежи во сеопфатен пристап, односно со координиран пристап од сите чинители: носители на одлуки, граѓански организации, медиуми и секако самите граѓани“, рече Теменугова.

На настанот, кој собра пратеници, експерти, претставници од институции, медиуми и граѓанскиот сектор, беа презентирани двете аналитички студии на ИКС − „Странско мешање и манипулирање со информации во Република Северна Македонија“ и „Справување со странско манипулирање со информации во контекст на европските регулативи“.

Наодите од двете студии укажуваат на сериозни институционални и законски слабости во справувањето со координирани дезинформациски кампањи поттикнати од странски државни и недржавни актери. Недостатокот на стратегиска координација, нефункционални правни механизми, ранлив медиумски простор и ниско ниво на медиумска писменост ја прават земјата подложна на хибридни закани и манипулативни наративи.

„Македонските институции се на почетно ниво за ефикасно справување − наративно постои свест, но реално многу малку се прави.  Единствениот документ е Стратегијата за справување  со хибридни закани во која има многу цитати, текстот е академски, но со малку оперативни активности“, нагласи универзитетскиот професор Методи Хаџи-Јанев, кој е еден од авторите на студиите.

,,Под странско мешање и манипулација со информации се подразбира и хидбридна војна и затоа е потребна  соработка на институции од различни полиња, од одбранбен, безбедносен и медиумски аспект“, кажа Конрад Блејер-Симон од Европскиот универзитетски институт во Фиренца, Италија, автор на една од студиите. Тој нагласи дека на годишно ниво во Северна Македонија има од еден до пет напади и нагласи  дека најважно е  мерките за справување со странското мешање и манипулирање со информациите да ги предложат независни агенции.

На дискусијата се констатираше дека справувањето со странско мешање и манипулирање со информации треба да се заснова на сеопфатен и демократски пристап, при што институциите, граѓанскиот сектор, медиумите и меѓународните партнери ќе соработуваат во градењето на отпорно и информирано општество. Институционалната реакција треба да биде брза, пропорционална и транспарентна, во согласност со стандардите и вредностите на НАТО и ЕУ.

Средбата беше организирана во рамките на проектот „Следење, откривање и разобличување на скриеното странско мешање и манипулирање со информации“, што го спроведува Институтот за комуникациски студии, кој е финансиски поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Преземете ги фотографиите од настанот тука.


Преземете ја анализатаСтранско мешање и манипулирање со информации во Република Северна Македонија“.
Преземете го документот за јавни политикиОсврнување на странското мешање и манипулирање со информации во контекст на европските регулативи“.

Скопје, 11.6.2025