Поттикнување на граѓанскиот активизам на младите луѓе преку медиумско ангажирање
Младите кои се граѓански и политички ангажирани почесто разговараат за важните општествени теми и се вклучени во волонтерски активности во семејната и училишната средина, имаат поголемо искуство со работата на локалната и централната власт, но и со граѓанските организации, а се и повеќе едуцирани и свесни за влијанието на медиумите и дезинформациите врз општествените текови. Оттука, политичките институции, училиштата, граѓанските организации, медиумите и семејството имаат приоритет во поттикнување на младинскиот активизам, што пак е предизвик за оние кои работат на едукацијата, социјализацијата и креирањето на политиките за младите.
ИКС го реализираше истражувањето за следење на вести, препознавање на дезинформации и граѓански ангажман кај младите луѓе на контролиран примерок од 345 испитаници на возраст од 18 до 29 години со различни демографски и социоекономски карактеристики (средношколци, студенти, невработени и вработени), спроведувајќи теренска анкета и три фокус-групи во периодот од декември 2023 до март 2024 година. Истражувањето е дел од проектот „Користи факти“, што е поддржан од Британската амбасада во Скопје.