ИКС на конференција на ОБСЕ/ОДИХР во Варшава за улогата на граѓанското општество во изборните реформи

ИКС на конференција на ОБСЕ/ОДИХР во Варшава

Институтот за комуникациски студии (ИКС) учествуваше на регионалниот настан „Зајакнување на улогата на граѓанските организации во спроведувањето на изборните препораки“, одржан на 9 и 10 ноември 2026 година во Варшава, во организација на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР).

Настанот обедини претставници на граѓански организации од Западен Балкан и меѓународни партнери, кои разменија искуства за унапредување на изборните реформи и зајакнување на соработката со институциите и граѓаните.

Бојан Георгиевски, програмски менаџер и истражувач во ИКС, учествуваше како панелист на сесијата „Наоѓање сојузници: Вклучување на граѓаните и јавноста во реформскиот процес“. Дискусијата беше посветена на начините на кои граѓанските организации можат да градат партнерства со медиумите, граѓаните и другите чинители за поддршка на демократските реформи.

Георгиевски ги претстави искуствата на ИКС во следењето на штетните политички наративи преку иницијативата „ШТЕТ-НА“, истакнувајќи ја важноста истражувачките наоди да се преточат во разбирливи содржини што поттикнуваат јавна дебата и поодговорна политичка комуникација.

Воедно, тој ја претстави работата на ИКС во областа на справувањето со странското мешање и манипулирање со информации (СММИ) и ја нагласи вредноста на соработката на граѓанските организации со сите чинители во општеството со цел да ѝ се помогне на јавноста да ги препознае и разбере информациските манипулации.