|

ИКС на ЕУ–Западен Балкан конференцијата за медиумска писменост во Белград

Институтот за комуникациски студии (ИКС) учествуваше на традиционалната ЕУ–Западен Балкан конференција за медиумска писменост 2026, што се одржа на 7 октомври во Европската куќа во Белград, под наслов „Под притисок: Што е потребно за да продолжи известувањето за вистината“ (Under Pressure: What It Takes to Keep Reporting the Truth). Конференцијата беше посветена на уредувачката независност, влијанието на платформите и алгоритмите, вештачката интелигенција, дезинформациите и странското мешање и манипулации со информации (СММИ).

ИКС го претставуваше Александра Теменугова, која учествуваше на панелот „Партнери, а не инструменти: Градење капацитети за справување со СММИ без загрозување на медиумската независност“ (Partners, Not Instruments: Building Counter-FIMI Capacity Without Compromising Media Independence), заедно со претставници од Молдавија, Црна Гора и Албанија, модериран од Роберт Хучи од Работната група за Западен Балкан при Европската служба за надворешно дејствување (ЕЕАС).

Во дискусијата, Теменугова го сподели искуството што ИКС досега го има стекнато во Северна Македонија во градењето на институционален одговор на СММИ, паралелно со заштитата на слободата на изразување и независноста на медиумите.

Таа истакна дека справувањето со координираните дезинформациски кампањи не треба да се сведе само на проценка дали одредена содржина е „точна“ или „неточна“, бидејќи и точни информации можат да бидат употребени манипулативно. Фокусот треба да биде на обрасците на однесување, координацијата, техниките на манипулација, начинот на засилување на содржините и потенцијалното штетно влијание, при што легитимната јавна дебата мора да остане заштитена.

Посебно внимание беше посветено на односот меѓу институциите и медиумите. Потребни се поефикасни и навремени канали за размена на информации, но тие мора да имаат јасно поставени граници.

„Каналот меѓу институциите и медиумите треба да служи за навремена размена на информации и докази, а не за уредувачки насоки. Партнерството завршува таму каде што соработката почнува да влијае врз уредувачките одлуки“ – истакна Теменугова.

На панелот беше нагласено дека сеопфатниот општествен пристап во градењето на отпорност не значи сите актери да работат под насока на државата. Наместо тоа, институциите, медиумите, истражувачите и граѓанските организации треба да придонесуваат според сопствените мандати, задржувајќи ја својата независност.

Конференцијата ја отвори Андреас фон Бекерат, амбасадор на Европската Унија во Србија, кој ја истакна важноста на уредувачката независност и улогата на медиумите во обезбедувањето независно известување и демократска јавна дебата.