За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Повик до новинари и медиуми за истражувачки и аналитички приказни за странско мешање и манипулација со информации (СММИ)

Институтот за комуникациски студии (ИКС) објавува јавен повик до новинари и медиуми за подготовка и објавување на истражувачки и аналитички новинарски приказни за странско мешање и манипулација со информации (СММИ).

Целта на повикот е да се поддржат медиумите и новинарите во развивање длабински новинарски истражувања за координирани информациски активности, дезинформациски кампањи и други форми на странско влијание врз јавниот информациски простор.

Во рамки на повикот ќе бидат избрани 10-12 медиуми и/или новинари. Секој избран медиум треба да номинира најмалку еден новинар што ќе учествува во специјализирана обука и менторски процес и ќе работи на истражувачка или аналитичка новинарска приказна. Новинарите што се пријавуваат индивидуално треба да обезбедат согласност од медиум за учество во програмата и за објавување на изработената новинарска приказна.

Пријавените новинари ќе добијат менторска и финансиска поддршка за истражување, подготовка и објавување на приказните, во согласност со професионалните и етичките новинарски стандарди и со методологијата и насоките за детекција и анализа на СММИ развиени од ИКС. Изработените новинарски приказни ќе бидат објавени на платформата на медиумот што учествувал во изработката на новинарската приказна или дал согласност за нејзино објавување, како и на релевантните платформи на ИКС (на пр. Само прашај).

Право на учество:  

Право на учество имаат локални, регионални и национални телевизии, радија, печатени и онлајн медиуми кои се основани и активно работат најмалку три години пред датумот на објавување на повикот, како и новинари кои ќе обезбедат согласност од медиум што ги исполнува наведените услови за учество во програмата и објавување на новинарската приказна.

Онлајн медиумите мора да имаат јавно достапен импресум, треба да бидат регистрирани во Регистарот на онлајн медиуми – интернет портали на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) – https://avmu.mk/online-mediumi/ и/или во регистарот на професионални онлајн медиуми на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) – www.promedia.mk

Какви приказни се очекуваат? 

  • Новинарските приказни треба да се фокусираат на истражување и анализа на странско мешање и манипулација со информации (СММИ) со цел да се влијае на јавната дебата, довербата во институциите, демократските процеси и општествената кохезија. Во приказните ќе се третираат:
  • координирани информациски и дезинформациски кампањи;
  • анализа на наративи и обрасци на координирано споделување содржини кои се шират преку различни медиуми, платформи, профили или други комуникациски канали;
  • актери, мрежи и канали вклучени во создавање, ширење или засилување на манипулативни содржини и наративи;
  • детектирање и анализа на тактики, техники и процедури што се користат во кампањи на влијание;

Приказните треба да се темелат на проверливи извори, податоци, документи, дигитални траги и други релевантни докази и да ги почитуваат професионалните и етичките новинарски стандарди, како и истражувачката методологија развиена од ИКС.  

Што обезбедува ИКС 

На избраните медиуми/новинари, ИКС ќе им обезбеди:

  • специјализирана обука за истражување и анализа на странско мешање и манипулација со информации;
  • менторска поддршка при дефинирање на темата, планирање и спроведување на истражувањето и подготовка на финалната приказна;
  • финансиска поддршка за продукција на истражувачката или аналитичката приказна;
  • поддршка за промоција и поширока дистрибуција на објавените приказни;
  • превод на финалните приказни на албански и англиски јазик.

Обука и менторство  

Програмата ќе започне со дводневна специјализирана обука која ќе се одржи во Скопје најдоцна во првата половина на ноември 2026 година.

По завршувањето на обуката, новинарите ќе продолжат со менторска работа на своите приказни во период од најмногу три месеци по завршување на обуките. Менторството ќе се одвива преку онлајн консултации со тренерот/менторот и координација со тимот на ИКС.

Финансиска поддршка 

Секој избран медиум/новинар ќе добие финансиска поддршка за подготовка и продукција на една истражувачка или аналитичка новинарска приказна.

Финансиската поддршка е наменета за покривање на трошоци поврзани со истражувањето и продукцијата на приказната, вклучително и новинарски хонорари, теренска работа, патни и други истражувачки трошоци, како и продукциски трошоци за визуелни, аудио, видео или други елементи на приказната.

Поддршката ќе биде регулирана со договор со избраниот медиум или новинар, во кој ќе бидат утврдени обврските, роковите и начинот на исплата.

Критериуми за избор 

При изборот на медиумите и новинарите ќе се земат предвид:

  • квалитетот и релевантноста на предложената истражувачка или аналитичка тема;
  • искуството на номинираниот новинарски тим/новинарот во истражувачко и аналитичко новинарство и обработка на теми поврзани со дезинформации, странско мешање и манипулирање со информации, дигитални платформи и други сродни области;
  • човечкиот и техничкиот капацитет на редакцијата и/или новинарот да ги исполни обврските;
  • работно познавање на англискиот јазик, доволно за активно учество во обуката и менторскиот процес;

При конечниот избор, ИКС ќе води сметка и за разновидноста на избраните медиуми и новинари според тип на медиум, јазик и географска покриеност.

Што треба да содржи апликацијата?  

  • основни информации за медиумот или за новинарот и медиумот што дал согласност за учество и објавување на приказната;
  • имиња и кратки биографии на членовите на номинираниот новинарски тим или кратка биографија на индивидуално пријавениот новинар;
  • предлог за истражувачка или аналитичка тема, со кратко образложение на нејзината релевантност (најмногу 300 зборови);
  • согласност од главниот и одговорен уредник за учество на медиумот или новинарот во програмата и за објавување на новинарската приказна.

Предлог-темата треба да содржи краток опис на прашањето што медиумот/новинарот сака да го истражува, причините поради кои темата е релевантна и почетните извори, податоци, актери или дигитални траги што би можеле да бидат предмет на истражувањето.

Особено се охрабруваат предлози што обработуваат прашања релевантни за младите или што предвидуваат новинарски содржини и формати приспособени за младинска публика. Тоа може да вклучува кратки видеа, поткасти, визуелни или интерактивни приказни и содржини наменети за социјалните платформи што ги користат младите.

Предложената тема не мора да биде целосно разработена во моментот на пријавување и може дополнително да се развива и прецизира во текот на обуката и менторскиот процес.

Пријавувањето се врши преку онлајн формулар на следниот линк:

Крајниот рок за пријавување е 5 октомври 2026 година.  

Лице за контакт:  

Александра Теменугова, temenugova@iks.edu.mk, 070 359 876