За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

FutureLit академија

Подготвени ли сте за иднината? Пријави се на FutureLit Академијата

Денес од тебе се очекува да знаеш сè – да се снаоѓаш со нови технологии, да носиш паметни одлуки, да градиш кариера во услови на неизвесност и постојано да се прилагодуваш на промени. Формалното образование ретко те подготвува за оваа реалност. FutureLit Академијата е создадена за млади луѓе кои сакаат да стекнат вештини што навистина им требаат за светот во кој живееме – и за оној што доаѓа.

Академијата започнува на 1 март и ќе трае 5 месеци, нудејќи интензивна и практично ориентирана програма што ги поврзува:

  • писменост за иднината и стратешко размислување,
  • дигитална и финансиска писменост,
  • лидерство и донесување одлуки,
  • комуникација, иновации и работа на реални општествени и професионални предизвици.

Програмата е наменета за студенти и млади професионалци на возраст од 18 до 35 години кои сакаат да ги зајакнат своите капацитети за снаоѓање во неизвесни услови, да стекнат применливи знаења и да станат дел од европска заедница на идно-ориентирани млади.

Во текот на Академијата, учесниците ќе работат на реални проекти и актуелни предизвици поврзани со технологијата, комуникациите, општествените промени, еколошки предизвици и идните вештини. Програмата ќе кулминира со FutureX Summit – завршен настан на кој учесниците јавно ќе ги презентираат своите идеи, решенија и проекти пред експерти, партнери и поширока публика, стекнувајќи видливост, искуство и вредни професионални контакти.

Не ја пропуштај шансата да бидеш дел од генерацијата што ја обликува иднината – наместо само да се прилагодува на неа.

Инвестирај 5 месеци. Добиј вештини за цел живот.

Проектот го имплементира Институт за комуникациски студии, во партнерство со FH JOANNEUM – University of Applied Sciences (Австрија) и Faculty of Management, University of Primorska (Словенија), обединувајќи експертиза од областа на комуникациите, дигиталната трансформација, финансиската писменост и стратегиското лидерство.

FutureLit Академијата е финансирана од програмата Erasmus+ и е дел од европските напори за унапредување на дигиталното образование, вештините за иднината и подготвеноста на младите за пазарот на труд и граѓанското учество. Учеството во Академијата е целосно бесплатно за сите избрани учесници.