За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Онлајн радикализацијата – тивок процес со безбедносни импликации

Македонските институции неколкупати досега беа ставени на тест во обидите да спречат терористичко дејствување на поединци или групи кои се радикализирале преку Интернет. Овие закани особено ескалирале во периодот кога избувнаа воените конфликти во Сирија и Ирак, кога значителен број државјани на земјава заминаа таму од идеолошки побуди, а потенцијални закани се забележани и во последните две години.

Она што посебно загрижува е што се регрутираат млади лица. Врбувањето, според безбедносните експерти се одвива постепено, не со директни повици за насилство туку преку ширење заговорнички наративи што создаваат чувство на неправда, изолација или потреба за припадност. Најчесто се користат канали како Телеграм или Дискорд, за потоа да се воспостави и физички контакт – како локација за средба обично се избира некој параверски објект. Но онлајн радикализацијата во Македонија не се ограничува само на религиозни движења, присутни се и етно-националистички групи кои продолжуваат да шират идеолошки мотивирана пропаганда велат безбедносните експерти.

Стојановски: Радикализацијата често започнува онлајн и постепено води кон реални контакти и регрутација

„Во нашата држава егзистираат одредена, би рекол, убава бројка на здруженија, групации и поединци кои ги злоупотребуваат начините на функционирање на поедини граѓански здруженија токму за ширење на ваков вид на радикална пропаганда преку која подоцна се регрутираат нови потенцијални истомисленици. Во неколку наврати го споменавме регионот на Сирија и Ирак во тој период, затоа што Македонија, гледано според бројот на таканаречени странски терористички борци кои заминаа таму во однос на вкупното население, имаше релативно висок процент лица што, водени од идеолошки мотиви, заминаа во овој кризен регион и се приклучија на дел од терористичките организации“, истакна Стојановски.

Според Стојановски, многу е важно безбедносно-полициските служби да посветат внимание на почетните знаци на радикализација преку социјалните мрежи и на директните физички контакти.

„Особено е важно да се следи модус операнди, односно самиот начин на делување на поедини радикални групации, но и терористички организации, затоа што не постои разлика на идеолошка основа, што е особено важно. Треба да согледаме дека едно е процес на радикализација преку онлајн-просторот, а друго е искористување на онлајн-просторот, кога станува збор за подготовка или изведување на терористички напади, односно противуставно делување и делување против демократското уредување во една држава. Како пример би го навел само начинот на извршувањето на терористичките напади што се случија во дел од земјите од ЕУ, во 2015-2016 година, кога онлајн-просторот беше искористен за поттикнување за извршување на овие терористички напади, но не за започнување со одредени процеси на радикализација. Треба да се посвети внимание на овој процес на онлајн-радикализација, меѓутоа во исто време безбедносно-полициските служби, исто така, треба да посветуваат внимание и на тие почетни процеси на радикализација кои започнуваат преку социјалните мрежи, но и на оние директни физички контакти кои дел од потенцијалните нови радикали или екстремисти ги реализираат понатаму преку физичко присуство во пооделни, би ги нарекол, паралелни верски објекти во државата, затоа што функционираат надвор од официјалните верски институции“, додаде Стојановски.

За да ги заштитат своите финансиери, терористичките организации често се прикриваат зад невладини организации преку кои „перат“ пари, а вложуваат и во криптовалути. На овој начин се отежнува следењето на нивните финансиски текови.

Специфична е и соработката на терористичките групи со нарко-бандите, кои ги користат како извршители на насилни напади. Според координаторот на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, Павле Трајанов, во земјава биле откриени дури 14 вакви нарко-групи, што позитивно влијае на безбедноста и на стабилноста на државата, затоа што сѐ повеќе информации укажуваат дека терористите сакаат да ги користат овие групи на организиран криминал за извршување насилни активности.

„И затоа сите овие состојби треба да се гледаат како целина за да можеме посоодветно да планираме. Тука има уште неколку проблеми, како што е финансирањето на тероризмот. Со тој феномен сега се соочуваме сите, затоа што финансирањето не се одвива како што порано туку во основа се користат криптовалутите. Се разбира, има повеќе форми на нелегално финансирање на некои невладини организации, параверски организации. Кога зборувам невладини, апсолутно не мислам на оние што функционираат, што се присутни во јавноста, туку невладини кои се формираат за еден ден или два дена, ќе се финансираат, ќе ги исперат парите и потоа тие пари ги користат за финансирање и поттикнување радикализам’, истакна Трајанов.

Тој посочи дека Управата за финансиско разузнавање и Агенцијата за финансиско разузнавање се обидуваат да обучат експерти кои ќе можат навремено да ги препознаваат овие работи, а ова прашање Македонија го иницирала и во рамките на ЕУ и шестте балкански држави. Трајанов рече дека има најави од Амбасадата на САД кои можеби во текот на оваа година ќе спроведат и обука за експерти, не само од Македонија, туку од балканските држави.

Како уште еден проблем е и појавата на вештачка интелигенција, која сѐ почесто се злоупотребува за процесот на радикализација, односно за процесот на регрутација на нови потенцијални терористи.

„Колку повеќе се користи, сѐ повеќе и криминалните организации, терористичките групи ја користат вештачката интелигенција за извршување на насилни активности насекаде во светот“, додаде тој.

Со специјална единица против онлајн-радикализацијата

Според Трајанов, македонскиот систем за превенција на радикализација и тероризам е добро поставен и стабилен, но постојано треба да се надоградува поради новите предизвици.

„Нашите институции функционираат согласно законските и уставните надлежности, а состојбата во Македонија е мирна и стабилна, со ниско ниво на терористички закани. Ова е резултат на работата на државните институции, но и на соработката со невладиниот сектор“, рече Трајанов, додавајќи дека Комитетот соработува со повеќе од 20 невладини организации, поддржани од фондови како GCERF, Hedayah и Амбасадата на Обединетото Кралство.

Павле Трајанов: Потребен е системски одговор на радикализацијата и нејзиното финансирање

Во справувањето со овие закани, Германија и Холандија користат платформи кои ги собираат и ги анализираат содржините од социјалните мрежи и кои овозможуваат брзо отстранување. Во Германија, Министерството за внатрешни работи има рок од два часа за отстранување радикална содржина, што ја прави целата постапка ефикасна. За ваквата ефикасност да се преслика и кај нас, се подготвува нов закон за спречување на радикализација, со кој ќе се овозможи формирање на специјална единица која ќе биде задолжена за ефикасно спречување на обидите за радикализација, без да се нарушат човековите права. Исто така, потребно е да се донесат и измени на Кривичниот законик за јасно да се дефинира што претставува радикализацијата и која радикализација води кон тероризам.

„Во таа насока, формиравме работна група која работи на донесување на закон, кој треба да биде усогласен со Директивата на ЕУ. Во неа се вклучени експерти и се надевам дека во текот на оваа година ќе го донесеме тој закон. Суштината е во Македонија да се формира една единица, се разбира помала, не такви како што постојат во другите држави. Можеби најсоодветно е таа единица да биде во Агенцијата за национална безбедност, која ќе ги опслужува сите институции поврзани со безбедноста и кои работат на планот на сузбивање. Но, исто така што е клучен дел, треба да има соодветни промени и во Законот за кривична постапка, каде треба точно да се дефинира што претставува радикализација и која содржина е радикална и која радикализација води кон насилен екстремизам или тероризам, за да може да се води ефективна кривична или евентуално ако се работи за прекршок, прекршочна постапка“, објаснува Трајанов.

Како дел од обврските од Акцискиот план за борба против тероризмот подготвен од ЕУ, Македонија изготви Патоказ кој е во процедура на изгласување, а со кој се предвидуваат повеќе заеднички активности со Институтот за комуникациски студии како што се: онлајн радикализација, странско влијание преку медиумите и социјалните мрежи, вмешаност во внатрешните состојби и за странско финансирање на радикални процеси во Македонија.

Д-р Александар Грижев: Превенцијата и медиумската писменост се клучни за спречување на онлајн радикализацијата

Покрај закон, вонредниот професор на Воената академија, Александар Грижев смета дека се потребни и човечки и технички капацитети, меѓуинституционална подготвеност и координација и јакнење на медиумска писменост и на критичкото размислување за да се препознаат суптилните форми на влијание и регрутирање.

Тој ја потенцира и потребата од поголема превенција, особено кај младите.

„Особено сакам да ја нагласам и димензијата на превенцијата, бидејќи таа често останува во сенка на репресивниот или реактивниот пристап. Кога зборуваме за младите, за онлајн-просторот, за суптилни методи на регрутирање, не зборуваме само за безбедносни служби и истражни органи. Зборуваме и за семејството и за училиштето и за локалната заедница и за медиумите и за граѓанскиот сектор. Зборуваме за способноста да се препознае манипулацијата, да се развие критичко мислење, да се гради доверба, да се разговара за идентитет, фрустрација, неправда и припадност пред тие чувства да бидат присвоени и злоупотребени од радикални наративи. Во таа смисла, онлајн радикализацијата не е само прашање како да спречиме закана, туку и прашање како да изградиме поотпорно општество“, истакна професорот Грижев.

Онлајн – радикализацијата е тешка за докажување и во судските инстанци – поради сензитивниот процес на собирање на докази и ризикот да се премине линијата на приватност и загрозување на човековите права. За да се надминат овие дилеми, според  судијката м-р Софче Гаврилова Ефремова, од специјализираното судско одделение за дела од областа на организираниот криминал и корупција во Кривичниот суд, треба да се следи европската пракса која јасно поставува граници.

м-р Софче Гаврилова Ефремова: Онлајн радикализацијата бара внимателен пристап и пропорционални мерки

„Демократското општество мора да толерира и контроверзни ставови, сè додека тие не повикуваат на насилство. Но, државата има обврска да реагира кога тие граници ќе се надминат. Ова подразбира преземање пропорционални мерки, можност екстремните содржини да се отстранат во рок од 24 часа за да се минимизира штетата, но и правна заштита на оштетениот и почитување на неговите права“, поентираше Гаврилова- Ефремова.

Јавната трибина „Онлајн радикализацијата како безбедносен предизвик за Северна Македонија: ризици, политики и законски решенија“, ја организираше Институтот за комуникациски студии во рамки на проектот „Следење, откривање и разобличување на скриеното странско мешање и манипулирање со информации“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство, со поддршка на Британската амбасада во Скопје.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Петрушевска Поповска

Снимател: Зоран Догов

Монтажа: Ристо Душковски

Фотографии: Томислав Георгиев