Номинирани македонските кандидати за Тhe Earthshot Prize
Институтот за комуникациски студии (ИКС) ги номинираше Горјан Јовановски со апликацијата AirCare, иницијативата „Ретвитни оброк“ и Програмата за закрепнување на Балканскиот рис што ја спроведува Македонското еколошко друштво (МЕД) за глобалната награда за животна средина The Earthshot Prize.
Наградата Earthshot е фокусирана на пет мисии – едноставни, но амбициозни цели кои, доколку се постигнат до 2030 година, ќе го подобрат животот на сите нас. Годинава ќе се избираат победници во пет категории: Заштита и обнова на природата (Protect and restore nature), Чист воздух (Clean our air), Оживеј ги океаните (Revive our oceans), Создај свет без отпад (Build a waste-free world) и Подобра клима (Fix our climate).
Апликацијата AirCare на Горјан Јовановски е номинирана во категоријата Чист воздух, иницијативата „Ретвитни оброк“ во категоријата Создај свет без отпад, додека Програмата за закрепнување на Балканскиот рис на МЕД е во категоријата Заштита и обнова на природата.
Најдобрите решенија во секоја категорија ќе добијат парична награда и поддршка за развивање на нивните решенија.
ИКС беше поканет годинава да биде номинатор за The Earthshot Prizе. Покровител на оваа награда е Неговото Височество Принцот Вилијам. Целта на наградата е да поттикне промени и да помогне во решавање на најголемите еколошки проблеми во светот до 2030 година.
Повеќе информации на https://earthshotprize.org/.