За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

ИКС и Про вајлдлајф (Pro Wildlife) за меѓународна заштита на македонска сивка

Германската организација Pro Wildlife и Институтот за комуникациски студии (ИКС) официјално упатија писмо до Министерството за животна средина и просторно планирање и до Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, со барање Северна Македонија да поднесе предлог за вклучување на македонската сивка (Pseudochazara cingovskii) во Додаток 1 на Конвенцијата CITES – највисоко ниво на заштита од меѓународна трговија.

Организациите апелираат државата да го достави предлогот до Секретаријатот на CITES најдоцна до 27 јуни, пред одржувањето на 20-тата Конференција на страните (CoP20) што ќе се одржи од 25 ноември до 5 декември во Самарканд, Узбекистан.

Македонската сивка е критично загрозен ендемски вид на пеперутка кој живее само на ограничен варовнички предел кај превојот Плетвар, во централниот дел на земјата. Според IUCN, видот е еден од најзагрозените во Европа. Истражувањата покажуваат дека илегалната меѓународна трговија како резултат на побарувачката на колекционерите, претставува сериозна закана за опстанокот на оваа пеперутка.

„Вклучувањето на Pseudochazara cingovskii во Додатокот 1 од CITES ќе овозможи силна правна рамка за борба против нелегалната трговија и ќе ја зацврсти националната контрола и свест на меѓународно ниво,“ стои во писмото потпишано од Сандра Алтхер од Pro Wildlife и Жанета Трајкоска, директорка на ИКС.

Предлогот произлегува од истражувачка сторија на ИКС, која прва ги обелодени случаите на криволов и трговија со овој уникатен вид.

Од Pro Wildlife истакнуваат дека Северна Македонија, како единствена земја во која живее овој вид, има целосна легитимност да го поднесе предлогот и дека тој со голема веројатност, ќе биде поддржан на конференцијата.

Организациите порачуваат дека се подготвени целосно да ја поддржат земјата во подготовката и поднесувањето на предлогот, а истовремено го поздравуваат лидерството на Северна Македонија во зачувување на биолошката разновидност.

Погледнете го документарниот филм „Природа на продажба“.