fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

ИКС и ИРЕКС најавуваат: Меѓународен симпозиум за медиумска писменост и критичко размислување

Со големо задоволство Ве покануваме на Меѓународниот симпозиум за критичко размислување и медиумска писменост кој ќе се одржи на 03 и 04 февруари, 2022 година (виртуелно на платформата Zoom).

На симпозиумот ќе се дискутираат теми поврзани со образованието за медиумска писменост на универзитетите во Македонија, споредено со останатите земји од Западен Балкан, ЕУ и САД. Ќе се дискутираат и најновите меѓународни трендови во наставата поврзана со медиумската писменост. На настанот ИКС ќе ги презентира наодите од истражувањето за застапеноста на медиумската писменост во студиските програми на универзитетите во земјава, отворајќи дискусија за потребите за осовременување во високото образование, како и предизвиците со коишто се соочуваат студентите и наставниот кадар.

Целта на симпозиумот е да ги актуализира прашањата на критичко размислување и медиумска писменост како глобален приоритет, со посебен акцент на високото образование. Симпозиумот ќе обедини на едно место студенти, професори, истражувачи  и експерти кои ќе дискутираат и презентираат модерни пристапи во областа на медиумската писменост и критичкото размислување.

Повик за доставување апстракти

ИКС ги повикува сите заинтересирани автори да поднесат научни апстракти со фокус на теми поврзани со медиумска и информациска писменост, медиумско образование, критичко размислување, дигитални медиуми и нови трендови во сродните области. Избраните автори ќе бидат поканети да изработат целосен труд кој ќе биде објавен во меѓународно научно списание кое ИКС ќе го објавува на годишно ниво.

Списанието ќе промовира дебата за тековните научни и академски процеси во сите главни полиња на медиумската и информациска писменост, од теоретски и практичен аспект, а воедно ќе поттикне идеи за понатамошно подобрување на нашиот образовен систем во областа. Со цел да се обезбеди високо ниво на квалитет на трудовите, тие ќе бидат уредувани од страна на меѓународен уредувачки одбор, кој ќе ги разгледува трудовите од аспект на методолошка конзистентност, академска прецизност и форматирање на текстот.

Авторите можат да достават апстракти за која било тема поврзана со медиумската и информациска писменост, критичко размислување и медиумското образование. Целта е да се обезбеди платформа наменета за истражувачите и за практичарите од академската заедница, преку која тие ќе го унапредуваат знаењето во полето на медиумска писменост.

Прифатливи се поднесоци од членови на академската заедница, истражувачи и практичари во која било фаза од нивната кариера, вклучувајќи и студенти. Доставувањето на апстрактите и на целосните трудови е бесплатно.

Симпозиумот се организира како дел од проектот на УСАИД за медиумска писменост: YouThink. Станува збор за петгодишна програма финансирана од УСАИД за работа со младите за да им помогне да се снаоѓаат во и да обликуваат информативен екосистем кој информира и поттикнува соработка наместо да создава поделби и поларизација. Проектот го спроведуваат ИРЕКС, Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Младинскиот образовен форум (МОФ).

Важни датуми

Пријава за следење на симпозиумот
  • Регистрирајте се на следниов ЛИНК најдоцна до 31 јануари, 2022 година.
Поднесување на апстракти и на целoсни трудови
  • Краен рок за поднесување на апстракти е 14 јануари, 2022.
  • Известување за прифаќање/одбивање на апстрактите до 24 јануари, 2022.
  • Рокот за испраќање на целосните трудови (5.000 – 8.000 зборови) е 28 февруари, 2022 година.
  • Уредувачкиот одбор ќе прифати само текстови кои претходно не биле објавени.
Инструкции за пишување на апстрактот

Проектот на УСАИД за медиумска писменост YouThink го спроведува ИРЕКС заедно со Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Младинскиот образовен форум (МОФ). Активностите на YouThink се овозможени со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД).