fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Анализа на родово-базирани содржини: Политичарките и медиумската пристрасност

Родовиот наратив е значително малку застапен во новинарските извештаи за претседателските и парламентарните избори заради неговата ниска застапеност и во реториката на говорниците и говорничките во кампањите. Самите медиуми речиси не анализираа теми за вклученоста на жените на изборите, особено за тие од етничките заедници, што укажува на ниската свест за важноста на прашањата за родова еднаквост.

Ова го покажува анализата на родово-базирани медиумски содржини „Политичарките и медиумската пристрасност“, што Институтот за комуникациски студии (ИКС) ја изработи за периодот од март до мај 2024 година, односно од официјалниот рок за доставување на претседателските кандидатури до Државната изборна комисија на 19 март, до вториот круг од претседателските избори на 8 мај, што се совпадна со парламентарните избори.

Истражувањето покажува дека самото присуство на политичарките во медиумите е доволна основа за нивно стереотипизирање и дискриминација поврзана со традиционалните родови улоги и изгледот на жените, особено преку употреба на сензационалистички јазик. Тоа придонесува за нивно понатамошно објективизирање и дефокус од клучните политички прашања, ги зајакнува ставовите за традиционалните одговорности и задачи на мажите и жените и ги одржува предрасудите за улогата на жената во јавната сфера.