Медиумската писменост кај пензионерите во време на дезинформации
Пензионерите се меѓу најранливите категории граѓани кога станува збор за дезинформациите, странското влијание и манипулирањето со информации, особено оние што се шират во онлајн просторот. Охрабрувачки е што тие се свесни за сопствената ранливост и за потребата од поголема претпазливост при информирањето.
И покрај предизвиците, пензионерите не се пасивни приматели на информации. Многумина од нив применуваат сопствени стратегии за проверка, го проверуваат изворот на веста, споредуваат информации од повеќе медиуми и се обидуваат критички да ги оценат содржините што ги читаат или ги гледаат. Сепак, тие посочуваат дека заштитата од добро осмислени лажни и манипулативни содржини денес е сè потешка и бара дополнителни знаења и поддршка.
Со цел зајакнување на медиумската писменост и отпорноста кон странско мешање и манипулирање со информации, беа организирани обуки за пензионери на кои учествуваа околу 200 лица. Обуките ги реализираше Институтот за комуникациски студии во рамки на проектот „Следење, откривање и разобличување на странско мешање и манипулирање со информации“, со поддршка на Британската амбасада во Скопје.
Новинарка: Соња Петрушевска Поповска
Снимател: Иван Поповиќ
Монтажер: Ристо Душковски
