МОДЕМ: Медиумската слика останува иста – критички наспроти провладини медиуми
Медиумската слика за политичкиот плурализам во Македонија останува иста како и пред една година. Телевизиите 24 Вести, Телма, Алсат М и ТВ 21 продолжија да ги следат политичките случувања од неутрална позиција и критички да ја опсервираат работата на јавните институции, што всушност е основна улога на професионалното новинарство кое го штити јавниот интерес. Од друга страна, кај телевизиите Сител, Алфа, ТВ Нова и Канал 5 повторно доминираат ставовите на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и известувањата за проектите и за достигнувањата на нејзините функционери.
Мониторинг на демократијата во Македонија (МОДЕМ)
МОДЕМ се фокусира на набљудување на медиумските содржини и изработка на анализи кои треба да докажат дали постои корозирано медиумско известување кое го загрозува политичкиот плурализам во предизборниот и изборниот процес. Добиените анализи и податоци ќе им користат на граѓаните, цивилниот сектор, медиумските организации, носителите на одлуки и на меѓународната заедница при креирање поткрепени ставови и аргументи за иницирање политики.
МОДЕМ: Едноставно пренесување на настани, без новинарска ангажираност
Телевизиските вести се сведуваат на едноставно пренесување на настаните, но не и на новинарска ангажираност. Од 12 мониторирани телевизии, кај седум во прилозите се користи само еден извор на информирање (со исклучок на МТВ 2, Алсат М и ТВ 21), без разлика што во најголем број од случаите на едниот прилог следува прилог реакција за контратежа. Тоа можеби не влијае на вкупната слика на избалансираност на вестите, но се одразува на новинарското правило за консултирање на „двете страни“ во прилогот.