fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Женската рамноправност „плаче“ за права

Дали македонската жена знае каде е нејзиното место во општеството или очекува некој друг да ѝ каже? Доаѓањето на кормилото на државата, претседателката Гордана Силјановска-Давкова го најави како своевидна реформа, оти за прв пат жена ја презема оваа функција. Во обраќањето во Собранието на нејзината инаугурација, таа рече дека е среќна што ќе инспирира други жени. „Ако можам јас да бидам претседателка, можете да бидете и вие. Запомнете!“, кажа таа.

„На Балканот сè уште е жив патријархатот. Затоа јас мислам дека силните жени може на поинаков начин да ги решаваат проблемите меѓу сите, и меѓу мажите и жените, и меѓу нациите, и меѓу државите. Цврсто верувам во тоа. Многу храбри жени и многу умни жени сум видела во овој Парламент. Но, се чудев зошто ги нема. Зошто немаме жена премиер, зошто не сме имале жена претседателка на Собрание, зошто да немаме жена претседателка на држава. И еве, се случи и тоа. Јас ќе го пробивам патот, ама овде – и од десно, и в среде, и од лево, јас гледам многу умни, многу посветени жени кои ќе ги носам не само во умот туку и во срцето“, изјави претседателката Силјановска-Давкова..

Тања Иванова од НВО „Реактор“ вели дека жената во македонското општество сѐ уште го има домот како простор, но го нема освоено јавниот простор. Според неа, за поздрав и почит е изборот на првата претседателка во државата, но останува како предизвик колку првата жена ќе успее да се справи со предизвиците што ги носи поделбата и партиските притисоци во нашата земја.

„Едноставно власта има свои интереси што најчесто се обидува да ги оствари и низ призмата на претседателската улога. Жената сѐ уште треба да се бори за да го освои јавниот простор. Тоа што имаме жена претседателка само по себе е за поздрав, но не значи дека многу сме напреднале во однос на родовата еднаквост и правата на жените, бидејќи, за жал, сите податоци, административни бројки и истражувања на различни теми покажуваат дека сѐ уште сме назад во однос на прогресот што би требало да го имаме постигнато во 21-от век“, смета Иванова од „Реактор“.

Дека е преседан стапувањето на функција на жена на претседателското столче, говори и фактот на збунетоста на јавноста, особено на медиумите кои како да не можеа да се чувствуваат слободно да употребат феминитив – претседателка. Професорката по македонски јазик Татјана Б. Ефтимоска вели дека жените кои работат определена област апсолутно треба да се именуваат според нивниот род, односно, бидејќи јазикот тоа го дозволува, би требало тие жени да бидат означувани со феминативи и во официјалното обраќање, нивните потписи и во нивното именување.

„Последниве денови слушаме дека Гордана Сиљановска-Давкова е првата жена претседател, меѓутоа никој не би рекол дека Стево Пендаровски е маж претседател. Сѐ уште се плашиме од именките во женски род особено кога означуваат професија. Многу често за секоја, условно земено, женска работа си има и соодветна професионална определба или именка во женски род која што го означува тоа. Па така, бидејќи во нашето општество тие функции на жени биле присутни, во јазикот постојат домаќинка, чистачка, готвачка, се разбира сето она што е врзано за домаќинството, но постојат и именки како работничка, шивачка, професорка, наставничка, практично сите оние професии, области во кои што се присутни жените. Што се однесува на официјалните функции или звања што во последно време сѐ повеќе ги носат и жените, во нашето општество и во јазикот дури би рекла сѐ уште постои некаква воздржаност од зборообразување на нови форми. Зборообразувањето е многу плодна област во која што постојано се создаваат нови зборови, се преведуваат можеби од други јазици, се користат зборообразувачките начини во македонскиот јазик за да се создадат нови зборови, па така самите звања, титули, функции го создаваат потребното во јазикот за да имаме министерка, секретарка на Собранието, претседателка, премиерка… За жал, сѐ уште сме некаде на пола пат до тоа „прегрнување“ на феминативите во македонскиот стандарден јазик, особено во јавниот говор, бидејќи говорителите како да се плашат да не испаднат смешни, да не згрешат доколку употребат феминатив“, објаснува професорката Ефтимоска.

Ако се употребуваат вистинските зборови, тие ќе влијаат во менување на општествената свест

Тања Иванова од НВО „Реактор“ смета дека не треба да се чудиме кога ќе измислиме или ќе додадеме феминатив во нашиот јазик бидејќи на тој начин не само што го богатиме јазикот, туку го правиме и поинклузивен.

„Правиме луѓето кога зборуваат за машко-женски права да ги вклучуваат и едните и другите, бидејќи од јазикот потекнува она што народот го прави во пракса. Мислам дека треба уште многу да поработиме на тоа. Тоа е еден од тивките проблеми што би го посочила и е огромен“, вели Иванова.

„Еден збор станува жив тогаш кога ќе почне да се употребува и кога ќе се употребува во секојдневието сѐ повеќе и повеќе. Токму тука лежи улогата на наставниците, на сите оние кои што се занимаваат јавно со јазикот, како медиумите, сѐ повеќе и повеќе да стануваат свесни дека ако една жена работи министерска функција, таа треба да биде потпишана како министерка. Во медиумите особено треба да се внимава на тоа дека ако жената врши работа на уредничка или на лекторка, научничка, академичка итн., навистина треба да се внимава да се употребува нејзината титула во женски род“, додава професорката Етимоска.

Поочигледно од неупотребата на родово-сензитивен говор се правата на жените

Собраниската Комисија за еднакви права на жените и мажите е едно од телата задолжена за креирање политики за баланс. Во неа во претходните два мандата претседателка беше тогашната пратеничка Гордана Сиљановска-Давкова, а една од нејзините членки беше и Маја Морачанин. Таа изразува задоволство од сработеното.

„Успеавме да направиме значајни поместувања. Од декември 2017 година ја ратификувавме Истанбулската конвенција на Советот на Европа за борба против насилството врз жените и семејното насилство и понатаму следеа неколку други закони. Законот за заштита и спречување на насилство врз жени и семејно насилство обезбедува одлични услови за спречување и заштита од родово-базирано насилство. Се разбира дека треба имплементацијата на овие законски решенија да следи во следниот период. Исто така, Законот за спречување и заштита од дискриминација го усвоивме 2020 година, што ја опфаќа дискриминацијата врз основа на пол, род итн. Тоа се многу важни закони. Понатаму, ја усвоивме Националната стратегија за родова еднаквост, што е сеопфатен документ за следните пет години што треба понатаму да се имплементира. Работевме многу на усвојување на Акциски план за родово-сензитивно Собрание, за да го направи Собранието родово-сензитивно. Тоа се навистина важни исчекори напред кога зборуваме за прашањата за родова еднаквост. Во усвојувањето на буџетот внесовме родово-одговорно буџетирање. Нешто што е многу важно за жените бидејќи жените и мажите имаат различни потреби во општеството и ние мораме да имаме точно увид кога се зборува за парите на граѓаните од буџетот како ги трошиме, како тоа влијае на потребите на мажите, но и потребите на жените. Она што мене ми е драго, на пример, беше амандман на Законот за ДДВ, со кој го намаливме ДДВ за менструалните производи од 18% на 5% и на тој начин средствата за менструална хигиена се поевтини и полесно пристапни за девојчињата и жените, а знаеме дека имаме во општеството проблем со менструалната сиромаштија. Кривичниот законик го сменивме минатата година, во кој што за прв пат се воведоа облици на (онлајн) насилство, демнење, сексуално вознемирување, фемицидот…“, наведува Маја Морачанин, поранешна пратеничка и членка на собраниската Комисија за еднакви права на жените и мажите.

Сепак, од граѓанските иницијативи и здруженија негодуваат околу имплементацијата на законите. Ако не ги прифатиме законите дека се наши и дека треба соодветно да ги буџетираме стратегиите и акциските планови што ќе произлезат од нив, тогаш не сме направиле ништо, вели Тања Иванова од „Реактор“.

„Потпишуваме меѓународни конвенции, влегуваме во различни протоколи, се залагаме дека ќе ги исполнуваме, даваме заложба дека ќе ги почитуваме, но за жал во реалноста сѐ уште тоа не го правиме во огромна мера. Токму затоа што мислам дека власта не ги сфаќа доволно сериозно. Една од причините зошто тоа се случува е затоа што најчесто менувањето на законите и правењето на стратегии и акциски планови се сведува на поддршка од меѓународни организации и институции и се губи моментот на сопствеништво во однос на тоа кое министерство или која агенција ќе биде надлежна за исполнување на конкретен закон. Затоа мислам дека треба да се работи на свеста во рамки на институциите дека законите не се носат само за да исполниме меѓународна заложба, туку напротив, за да ги остваруваме. Да се работи на свеста дека министерствата треба да сфатат дека ако е донесен одреден закон, дека тој треба да го почитува, но и да им се налага на другите министерства што се опфатени со тој закон да го исполнуваат. И не само министерства, туку и локалната власт, каде што за жал овие процеси многу често застануваат“, смета Иванова.

Она на што се согласуваат и политичарите и граѓанските организации е дека мора да се унапредува јавната свест за да може да се променат работите во општеството.

„Жените знаат каде им е местото, но треба да им се овозможат подобри услови и можности за да можат да го искажат својот потенцијал. Тука е улогата на политиката. Тоа треба да продолжи и понатаму да даваме поддршка на жените. Кај нас половина од жените кои се работно способни не се воопшто активни на пазарот на труд. Тука е моментот каде институциите на централно и локално ниво можат да понудат подобри услови. На пример, кога би имале повеќе градинки, да можат жените да знаат дека нивните деца се згрижени, да ги остават, па да се посветат, или домови за повозрасни лица итн. Оти нашето општество е сѐ уште многу патријархално и тоа се смета дека е обврска на жената. Минимален е процентот на мажи кои од овие причини се одлучиле да се повлечат од пазарот на труд, па се неактивни. За менување на јавната свест клучот е во образованието. Ние мора родово-сензитивните содржини да ги вклучиме во образовните програми и во учебниците, за да се воспитуваат генерации во духот на почитување на правата на сите луѓе, вклучително и на жените. Да добиваат точни информации базирани на научни факти, а не базирани на стереотипи, полуинформации и дезинформации. Така ќе се движи општеството напред“, апелира поранешната пратеничка Маја Морачанин.

Тања Иванова од НВО „Реактор“ вели дека се залагаат за воведување на квоти, што треба да овозможат изедначување на потенцијалите и искористувањето на добрата.

„Фактот дека жените помалку ги има на одлучувачки позиции подразбира и дека работат за помала плата во рамки на таа хиерархија. На крајот, кога ќе се соберат сите параметри, за жал, сѐ уште зборуваме за постоечки јаз во плати. Во Заводот за статистика последна официјална објавена информација за јаз во плати е од 2018 година и од 2014 година кога се пресметувал според параметрите кои што ги имал. Тој јаз во плати, што е неусловен, е од 14% до 18%, во зависност кои податоци ќе бидат земени, затоа што јазот во плати најчесто се пресметува во однос на бруто учинок по однос на работа на еден час. Кај нас тие податоци ги немаме разделено во однос на мажи и жени, меѓутоа имаме разделени податоци на годишно ниво во однос на годишна бруто плата. И ако така пресметуваме, мислам дека бројката е околу 16% до 18%, во зависност кој друг параметар ќе го земеме предвид, што подразбира дека, за жал, навистина жените имаат помала финансиска моќ. Жените се многу почесто присутни, над 70%-80% од вработените се жени, во сектори што се трудово интензивни, а со помалку платена работа, како што се текстилна индустрија, образование, здравство, и тоа најчесто во пониските позиции. Тоа прави да заклучиме дека жените се со помала финансиска моќ“, објаснува Иванова од „Реактор“.

Подобрувањето на положбата на жената во општеството е важна за секоја жена индивидуално, но и за прогресот на општеството во целина. Жените се половина од популацијата. Ако општеството не го користи овој потенцијал, како ќе може да оди напред. Ако ги држите на страна од процесите, јасно е дека не може да има прогрес и напредок. Колку е поголема вклученоста на жените, толку е поуспешно целото општество.

Оваа содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Топалова

Сниматели: Слаѓан Милошевски, Наке Батев

Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска