Започнува Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“
Со потпишување на меморандум за соработка меѓу Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), ИРЕКС, Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, се означи официјалниот почеток на новиот проект за медиумска писменост „Младите размислуваат“. Сите овие организации заедно со партнерите – Институтот за комуникациски студии и Младинскиот образовен форум, во следните пет години ќе работат на развивање на вештините за критичко размислување и критички пристап кон информациите кај младите кои им се потребни за да изградат отпорност на дезинформации и да придонесат за градење активно, одговорно граѓанство водено од емпатија.
Амбасадорката Кејт Брнз истакна дека „без разлика на нивниот извор, информациите се моќни само ако луѓето знаат како да ги користат. Оние кои одговорно ги користат информациите ќе ја зајакнат општествената кохезија, ќе бараат добро владеење и управување и ќе преземат иницијатива за подобрување на животот и можностите на нивните семејства и заедници“.
МИМ ќе соработува со МОН и БРО за вклучување на медиумската писменост во основното и во средното образование, а наставниците ќе поминат и соодветна обука и ќе добијат ресурси за стекнување на неопходните вештини и знаења коишто ќе им ги пренесат на учениците. Министерката за образование и наука Мила Царовска рече дека новите наставни програми што се реализираат од оваа учебна година треба да помогнат во создавање генерации коишто имаат повеќе знаења и алатки за справување со лажните вести. „Критички освестени граѓани, кои активно учествуваат во јавните дебати влијаат на промените. Тие ги предизвикуваат институциите на поголема транспарентност и отчетност, нешто навистина потребно за прогрес на општеството кое води грижа за секој и за економскиот раст и развој на државата.“
ИКС во следните пет години ќе работи на унапредување на медиумската писменост во високото образование, а ќе соработува и со медиумите и новинарите за развивање вештини за продукција на медиумски содржини од младите за младите.
МОФ преку неформално образование ќе го обучува младите како да се справуваат со дезинформациите и да бидат критична и медиумски одговорна публика.
Михајло Лахтов, директор на проектот, истакна дека е од суштинско значење да се работи со младите уште од многу рана фаза, за да им се помогне да развијат вештини и навики што им се потребни за да изградат отпорност на дезинформации. „Проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат“ ќе мобилизира стратешки партнерства низ целото општество и ќе се заложи за стекнување медиумска писменост и вештини за критичко пристапување кон информациите во редовните предмети во училиштата и на универзитетите во сите години на образовниот процес, но и преку неформални активности во младински клубови и организации кои ги водат младите и се наменети за нив“, рече Лахтов.