За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Започнува „BACK TO THE FUTURE“: интерактивни онлајн курсеви за писменост за иднината за студенти

Во време на брзи технолошки и општествени промени, сè поважно станува младите да умеат да ја „читаат“ иднината, да препознаваат трендови, да замислуваат алтернативни сценарија и да носат информирани одлуки во услови на неизвесност. На развивање токму вакви вештини кај студентите од Западен Балкан во следните три години ќе работи Институтот за комуникациски студии (ИКС) заедно со пет партнери од регионот преку проектот „Враќање во иднината – Унапредување на писменоста за иднината преку интерактивни масовни онлајн курсеви во Западен Балкан“.

Проектот ќе ги поврзе студентите од Северна Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора преку заедничко учење и меѓукултурна размена. Во рамки на проектот ќе се развијат четири отворени онлајн курсеви (MOOCs), секој во траење од 6 недели, со интерактивни вебинари, работа во мали групи, неделни задачи и финална презентација. Учесниците ќе работат во регионални тимови од 5 до 6 студенти, со менторска поддршка и континуиран фидбек.

Курсевите ќе обработуваат теми важни за иднината на младите како дигитална трансформација, климатски активизам, медиумска писменост и човекови права, како и развој на критичко размислување и стратешко планирање.

Проектот предводен од ИКС се реализира во партнерство со факултети од регионот: Факултет за организациски науки при Универзитетот во Белград, Факултетот за политички науки од Сараево при Универзитетот во Сараево, Универзитетот ВЕРН во Загреб, Факултетот за природни науки при Универзитетот во Тирана и Економскиот факултет при Универзитетот на Црна Гора.