fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Започна развивањето на онлајн програмата за комуникација за животна средина

Треба да се разбере управувањето со природните ресурси за полесно да се идентификуваат и решаваат проблемите во животната средина. Со обезбедување точни информации за сложените еколошки прашања, луѓето ќе знаат како деградацијата на животната средина влијае врз нивниот живот и како можат да ги заштитат природните ресурси. Во тоа ќе помогне ефективното користење на комуникациски и новинарски техники и алатки, како и учеството на јавноста во носењето на одлуките и умешното решавање на конфликтите во врска со природните ресурси.

Ова се дел од знаењата и вештините кои ќе се стекнуваат на онлајн програмата за комуникација за животната средина, која ја развиваат Институтот за комуникациски студии од Скопје, Катедрата за биологија и екологија на Универзитетот Нови Сад, Факултетот за машинство и поморска архитектура на Универзитетот во Загреб, Факултет за политички науки на Универзитетот во Сараево и Катедрата за биологија на Универзитетот во Тирана.

22 професори и професионалци за животна средина и за комуникации од Македонија, Хрватска, Србија, БиХ и Албанија, на еднонеделна работилница во Загреб, ги вкрстија нивните знаења и искуства во креирањето на наставните програми за пет курсеви и финален хакатон.

Во курсевите ќе се изучуваат предизвиците во управувањето со природните ресурси и заштитата на биолошката разновидност, реториката во конструирањето на еколошките проблеми и претставувањето на природата во популарната култура. Ќе се учи како научниците да комуницираат во ерата на еколошки кризи за навреме да предупредуваат и да ги претставуваат проблемите пред граѓаните, како владините институции да прават проценка на ризиците и да ги комуницираат со јавноста и како корпорациите „позеленуваат“ во нивните напори за одржливо управување. Во онлајн програмата ќе се совладуваат новинарските вештини за прибирање и верификување информации за животната средина од кредибилни извори, пишување вести и раскажување приказни, како и техниките на социјалниот маркетинг и застапувањето за креирање и спроведување кампањи. Ќе се изучува како јавноста активно да учествува во носењето одлуки и во разрешувањето на конфликти во врска со природните ресурси.

Освен содржината, предавачите ќе ги определат онлајн методите за предавање и учење, задачите и оценувањето во секој курс.

Онлајн програмата се развива во рамки на проектот „Популаризација на комуникацијата за животна средина преку онлајн учење и виртуелна мобилност“, финансиски поддржана од ЕРАСМУС+ програмата на Европската унија.

 

Фотогалерија од работилницата за креирање на наставната програма.