fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Време е сериозно да ја сфатиме транспарентноста

Во ерата на брзиот технолошки напредок и дигитализацијата, дезинформациите се појавија како глобална закана со далекусежни политички последици. Пандемијата КОВИД-19 и војната во Украина ги изложија опасностите од дезинформациите и нивниот потенцијал да ја поткопаат довербата во институциите.

Институтот за комуникациски студии (ИКС) го спроведе истражувањето Улогата на институционалната транспарентност во справувањето со дезинформациите и шпекулациите во Северна Македонија со цел да го истражи односот помеѓу отворените и одговорни влади и ширењето на дезинформации што ја поткопуваат довербата во државните институции. Истражувањето се фокусираше на два клучни субјекти во општеството – институциите на централната власт и медиумите – за да се идентификува дали и колку транспарентноста на институциите може да придонесе за спречување на ширењето на дезинформации.

Наодите од истражувањето нагласуваат бројни предизвици, вклучувајќи нормативно-правни, организациски и технолошко-технички прашања. Отсуството на институционална транспарентност го скратува правото на граѓаните за пристап до информации и го маргинализира нивното учество во процесите на одлучување и креирање политики. Овие тенденции не само што ги оневозможуваат граѓаните информирано да ги следат владините одлуки, туку и го зголемуваат ризикот од ширење на дезинформации.

Сеопфатниот пристап на Европската Унија за справување со дезинформациите, заедно со нејзините општи норми и документи за институционална транспарентност и борба против корупцијата, содржат вредни насоки за надминување на овие предизвици.

Но, медиумите, институциите, граѓанските организации и граѓаните сите имаат улога во намалувањето на влијанието на дезинформациите. Кога се регулираат дезинформациите, од клучно значење е да се биде свесен за ризиците, особено за цензурата и ограничувањето на слободата на говорот. Транспарентноста треба да се смета за алатка за справување со дезинформациите, бидејќи помага во создавање поотворена, поодговорна и доверлива информативна средина.

Истражувањето дава корисни сознанија за креаторите на политики, медиумските професионалци и актерите од граѓанското општество кои работат на подобрување на транспарентноста на институциите и борбата против дезинформациите. Со разбирање на феноменот на дезинформациите и нивното влијание, можеме да развиеме ефикасни и координирани политики и мерки за да го спречиме нивното ширење. За да ги заштитиме демократските општества од штетноста на дезинформациите, мора да дејствуваме проактивно и здружено. Време е сериозно да ја сфатиме транспарентноста.

Истражувањето е изработено во рамките на проектот „Користи факти“, кој ИКС го имплементира со поддршка на Британската амбасада во Скопје.