За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Војна од сенкa: Странско мешање и манипулација со информации

Со оваа епизода влегуваме во воена зона. Не, не станува збор за војна, онаа со пешадија, тенкови или авиони. Туку ќе зборуваме за потивка, поневидлива војна која се води со лажни вести, пропаганда и анонимни профили на социјалните медиуми. Станува збор за странско мешање и манипулација со информации (СММИ), коешто е растечка закана за нашата демократија и за нашата национална безбедност.

Но, што значи „странска манипулација со информации“?

Во основа странски актери – влади, организации, а понекогаш дури и поединци намерно шират лажни или погрешни информации за да влијаат на јавното мислење, да предизвикаат поделби и да ги дестабилизираат институциите. Ваквите активности не се нови, но во нашата држава стануваат ефикасни и опасни.

Кои се нашите слабости?

  • Недоволната медиумска писменост: Македонија e на 40. место од вкупно 41 земји во Европа рангирани според Индексот на медиумска писменост.
  • Ниското ниво на доверба во институциите: Според последните анкети, само 27,1% од граѓаните имаат доверба во државните институции.
  • Недостигот од механизми за брза реакција и ограничени капацитети за следење и анализа на дигиталните простори претставуваат критични точки што се искористуваат во овие манипулативни процеси.
  • Ние немаме специфично законодавство кое се однесува на заштита на општеството од странското мешање.

Странското мешање и манипулирање со информации е дизајнирано да дејствува мултидимензионално. Целта е преку различни канали да се дестабилизираат  институциите и да создадат социјални и политички поделби.

Станува збор за комплексен феномен што ја наметнува потребата од ангажман на целиот систем и координација со целото општество. Со стратегиски пристап и силна институционална подготвеност, ова штетно влијание може значително да се намали.

Странското мешање и манипулирање со информации е посебно опасно во текот на изборните процеси. Вебстраници, честопати хостирани во странство, објавуваат лажни приказни за кандидатите, а ботови ги преплавуваат социјалните медиуми за да ја оцрнат нивната репутација. Овие тактики може да се пресудни за тоа колку од гласачите ќе се појават на гласање.

Сето ова создава недоверба.

Луѓето повеќе не им веруваат на официјалните извори. Тие претпоставуваат дека секоја прес-конференција е спин. Дека зад секој факт има политичка агенда. Во тој информациски вакум, просторот лесно го завземаат онлајн троловите, лажните вести и теоретичарите на заговор.

И кога довербата е нарушена, сè може да звучи како вистина.

Но, не е сé безнадежно. Можеме да изградиме отпорност. Како да го сториме тоа?

Прво, ни треба централизирана стратегија. Национален центар за координирање на сите напори против дезинформациите. Не само реагирање – туку и предвидување.

Второ, на нашите безбедносни институции – разузнавање, војска, полиција – им требаат вистински ресурси. Вистински буџети. Вистинска обука.

Трето, треба потесно да соработуваме со НАТО, ЕУ, па дури и со технолошки платформи како Мета и Гугл. Бидејќи ова не е само локален проблем – тој е глобален.

И конечно – можеби најважно – треба да инвестираме во медиумска писменост. Да ја научиме во училиштата. Да ја промовираме во заедниците. Бидејќи ако можеме да одгледаме генерација што знае критички да размислува, веќе ќе бидеме еден чекор понапред.