Вештините на средношколците за препознавање на дезинформации во трка со вештачката интелигенција
Средношколците поседуваат вештини за препознавање на дезинформациите со кои како што велат растеле заедно, но и понатаму се случува дел од нив да „се лизнат“ и да споделат или да поверуваат во некоја манипулација. Нивниот впечаток е дека дезинформациите се масовно присутни на сите социјални мрежи, а за да ги проверат користат различни техники од проверка на изворот, кој ја напишал и споделил веста, дали веста е споделена на други медиуми, дали во веста има релевантни извори.
Мила Арсовска, средношколка од гимназијата „Гоце Делчев“ од Куманово вели дека има изострено око и веднаш може да ги препознае дезинформациите, иако признава „има некои дезинформации кои се многу вистинито направени и проверувам дали се измама, или се од официјален сајт пред да поверувам во нив“. Таа вели дека досега не споделила дезинформации, но тоа често им се случува на нејзините соученици кои во училишните групи споделуваат фабрикувани вести како што биле на пример вестите за лажни бомби или дека се продаваат поевтини карти за концерт, кои испаднале дека се „фејк“ итн.
Ѓорѓи Златевски кој е трета година во истата гимназија вели дека растел со дезинформациите и соочен секојдневно со нив, научил како да ги препознава.
„Најголем дел од дезинформациите можам да ги препознаам, но со помош на вештачката интелигенција сега полесно се креираат и побрзо се шират. Мислам дека сега има повеќе дезинформации. Се случува и натаму да поверувам во некоја дезинформација, но научив да ги барам фактите во напишаното, фотографиите сè уште не ги проверувам“ вели тој.
Слично искуство споделија и средношколците од скопската гимназија „Георги Димитров“. Тие велат дека процесот на препознавање на дезинформациите е отежнат и поради вештачката интелигенција која се користи за креирање на манипулативни видеа или фотографии.
„Во секојдневниот живот најчесто се среќавам со лажни вести за познати луѓе, коишто можам да ги препознаам од логика или ќе истражам повеќе за да стигнам до одговорот. Вештачката интелигенција го олеснува создавањето на лажни вести и затоа вежбите кои ги изведовме во работилницата беа интересни и едукативни“ вели Филип Карфиловски, средношколец од СУГС „Горги Димитров“ од Скопје.
Дезинформациите и алатките за препознавање на визуелните манипулации беа тема двете медиумски лаборатории на тема „Препознавање на дезинформациите и креирање на медиумски содржини“ кои ги организираше Институтот за комуникациски студии во средните училишта СОУ „Гоце Делчев во Куманово и СУГС „Георги Димитров“ во Скопје. Средношколците имаа можност да креираат и новинарски приказни и да практикуваат мобилно новинарство да снимаат и монтираат со мобилен телефон.
„Ние младите знаеме како да препознаеме измами на интернет, но морам да признаам дека станува сè потешко. Обуката навистина ни помогна да ги разбереме техниките и алатките за проверка на факти, што е од огромна важност. Преку комбинација од предавања и практични вежби, оваа работилница ми помогна посуштински да ги разберам предизвиците со кои се соочуваме. Особено ми се допадна вежбата за пишување, која сметам дека го подобри моето разбирање и ме поттикнаа да бидам покритична кон содржините што ги консумирам и споделувам. Вежбата за снимање, исто така, беше интересна и ни даде нов увид во тоа како правилно да пренесуваме пораки.
Покрај тоа, се осврнавме на улогата на вештачката интелигенција – тема за која јас лично имам поделени мислења. Способноста на вештачката интелигенција да манипулира со текст и слики, прави да е потешко да се препознае што е вистинито. Затоа, ваквите работилници се исклучително корисни бидејќи ни помагаат да станеме пописмени во дигиталниот свет и да бидеме поодговорни при споделувањето информации“ вели Ивана Саревска, четврта година во СУГС „Георги Димитров“.
Средношколците се согласија дека најважна алатка да се запре ширењето на дезинформациите и другите медиумски манипулации во дигиталниот свет е критичкото и логично размислување за вестите кои стигнуваат до нив, пред да одлучат дали ќе им веруваат и ќе ги споделат.
Медиумската лабораторија за препознавање дезинформации и креирање медиумски содржини се организираше во рамките на Деновите на медиумска писменост 2024 кои ги организира Мрежата за медиумска писменост.
Овие работилници се организираат во рамки на проектот „Користи Факти“ поддржан од Британската амбасада во Скопје и се дел од активностите на УНЕСКО Катедрата за писменост за иднината и медиумска и информациска писменост при ИКС.
Новинар: Соња Петрушевска Поповска