fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Трол на месецот: Стефан Лазаров, Јутјуб инфлуенсер

Балкански трол на месецот“ се однесува на физичко лице, група на физички лица или на медиум кој шири омраза врз основа на пол, верска или етничка припадност или по основ на други категории на различности. Балканскиот трол се избира врз основа на случувањето на инциденти поврзани со говор на омраза кои се препознаени како такви во регионот на Западен Балкан.

Популарниот македонски јутјубер и инфлуенсер Стефан Лазаров неодамна објави поткаст интервју со добро познатиот новинар со повеќедецениско искуство, Драган Павловиќ-Латас. Во текот на емисијата, двајцата соговорници, меѓу другото, почнаа да разговараат за сексуалното минато на гостинот. Латас отворено го признал случајот на силување на млада жена кога имал 15-16 години, притоа шегувајќи се за целото искуство со Лазаров.

По објавувањето на поткастот, дојде до лавина од реакции на социјалните мрежи, кои во исто време го критикуваа и јавно го посрамотија објавувањето на интервјуто. Притисокот врз јутјуберот доведе до тоа што тој го избриша видеото од својот канал. Содржината на емисијата и приказната за која разговараше Латас исто така го привлекоа вниманието и на Хелсиншкиот комитет за човекови права. Според оваа организација, фактот што видеото имало повеќе од 50.000 прегледи, а прашањето за силување и сексуално насилство се сметало за основ за смеа „вистински прикажува како се однесуваме кон жените кои се жртви на насилство“.

Комитетот исто така истакна дека фактот што темата се смета за извор на забава е нешто што само дополнително го потенцира „болниот индикатор за тоа како изгледа една нормализација на култура на насилство во пракса и до каде можат да доведат институционалната неактивност и немањето на јасни ставови и политики кои ќе ги заштитуваат жртвите наместо насилниците“. Комитетот со право укажа на овој проблем кој е присутен во општеството во кое инцидентите како што се оние кои се однесуваат на злоупотреба и акти на насилство без претходна согласност се сметаат за основ за потсмев.

Ниту една форма на сексуална злоупотреба или насилство врз жените никогаш не треба да се гледа како прашање на потсмев или како извор на забава – тоа се злосторнички акти и затоа треба да се третираат како такви. Инволвираните лица треба да се соочат со последиците и да бидат казнети за таквите постапки.

Покрај реакциите од јавноста, институциите и граѓанските организации, Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи поднесе барање до Основното јавно обвинителство Скопје, по што е отворен предмет.

И покрај тоа што видеото беше избришано и отстрането од каналот на Лазаров, истото беше повторно поставено од непознат профил на Јутјуб а беше избришано дури неодамна. Иако не се знае со кого е поврзан тој канал на Јутјуб и од кои причини видеото е повторно поставено, крајно е проблематично што таквата содржина продолжи да постои на оваа платформа и да биде видлива.

Сексуалното вознемирување и насилството врз жените во која било форма е нешто за кое не постои оправдување. Мошне е проблематично тоа што на Латас му се дозволува да зборува за силувањето што го направил, а притоа се смее и ја исмејува таквата ситуација. Насилството врз жените е проблем кој и понатаму е присутен во општеството и кој го потенцира недостатокот на институционална заштита на жените како и ставот кој поширокото општество го има кон силувањето и сексуалната злоупотреба.

Може да се забележи дека инцидентите како што е овој наведен тука ги нормализираат ваквите дела на злоупотреба. Исмејувањето и смеењето на темите за кои се дискутира, наместо да се осуди ситуацијата, служи за релативизирање на таквото однесување кое е присутно во општеството. Релативизирањето на родовото насилство е честа практика во земјите од Западен Балкан, што е потврдено и со мониторингот кој го прави RDN 2.0.

Сепак, Лазаров има одговорност да биде отчетен за она што го објавува на својот Јутјуб канал и треба да се соочи со последиците за тоа што дозволил таква содржина да помине „туку-така“ на оваа платформа.

Текстот е дел од иницијативата „Трол на месецот“, изработена во рамките на проектот Мрежа за различности 2.0, финансиран од Европската Унија.