ТРОЛ НА МЕСЕЦОТ: Приватна група на Фејсбук која споделува несоодветни фотографии од малолетни ромски девојчиња
Балканскиот „трол на месецот“ е поединец, група на поединци или медиум кој шири омраза на интернет врз основа на пол, етничка припадност, вера или друга категорија на различност. Балканскиот трол се избира врз основа на инциденти со говор на омраза кои се забележани во целиот регион на Западен Балкан.
Трол за месец октомври е приватна група на Фејсбук која без согласност споделува несоодветни фотографии од малолетни ромски девојчиња, што е истовремено незаконски и спротивно на етички начела, и се промовира дополнително насилство базирано на родова припадност.
Во македонската јавност неодамна се објави вест дека постои приватна група на Фејсбук со повеќе од 2.000 членови кои споделуваат фотографии од разголени ромски девојчиња, без нивна претходна согласност или одобрение. Навистина, и самите корисници беа охрабрувани да споделуваат фотографии од своите приватни пораки и јавни профили на социјалните мрежи на овие млади ромски девојчиња, по што следуваа коментари под фотографиите полни со говор на омраза, како и негативно етикетирање на девојчињата, дека се „непристојни“. Овој инцидент дополнително создаде динамика на омраза и срам против една социјална група која веќе значително се наоѓа на маргините.
Групата наводно е формирана од ромски граѓанин и повеќето од корисниците кои членувале во неа биле од ромската заедница. Сепак, точните профили на самите членови не беа целосно познати поради приватната природа на оваа Фејсбук група (која е веќе затворена).
Ова не е прв случај во групи на социјалните мрежи да се споделуваат експлицитни фотографии од девојчиња, по претходниот скандал со „јавна соба“ кој се случи на почетокот од годинава. Тој скандал, инаку, опфати околу 7.000 корисници кои споделуваа експлицитни содржини преку апликацијата за испраќање пораки Телеграм – првото затворање на оваа група беше во јануари 2020 година откако во јавноста се дозна за неа, но една година подоцна повторно се појави истиот случај, кој исто така беше повторно затворен на 29 јануари. Во двата случаи стануваше збор за експлицитни содржини на најчесто малолетни девојчиња кои се споделуваа на социјалните мрежи нелегално и без согласност.
Според македонската полиција, беше потврдено дека, од почетокот на пандемијата со Ковид-19, е забележано зголемување на „бројот на случаи на сексуална злоупотреба на интернет“. Ова е знак за сериозноста на овој проблем и за потребата од постоење на механизми со кои би се спречило и би се реагирало сексуалното малтретирање на интернет и насилството врз жените и девојчињата.
Групата во која беа споделувани фотографии од голи ромски девојчиња беше избришана од Фејсбук, откако јавно беа разоткриени нејзините активности. Дополнително, поголем број на невладини организации од областа на човековите права покренаа и судски постапки против корисниците кои ја формираа оваа група.
Овие правни постапки доведоа и до голем број на коментари со говор на омраза и лични напади против претседателот на невладината организација која беше најгласна. Оние кои се поврзани со оваа група ги споделуваа и фотографиите од нејзиното семејство, во серија на груби напади кои содржеа и повеќе коментари со говор на омраза.
И покрај активностите преземени од граѓанското општество кое речиси веднаш реагираше кај властите и бараше оваа група да се избрише од Фејсбук, тука има и еден поголем проблем.
Бидејќи ова не е прв случај на споделување на непристојни и незаконски фотографии од малолетни девојчиња на приватни групи на разни социјални мрежи, овој случај го покренува важното прашање на постоење на механизми за заштита и на прописи кои се во сила за да се спречат ваквите појави. Не само што ваквата содржина е крајно штетна и незаконска, туку таа ја разоткрива и важноста на ригидната регулација на социјалните мрежи и механизмите за спречување на ваквите скандали и на тоа несоодветни содржини да се споделуваат на социјалните мрежи. Дополнително, ја нагласува и важноста од колективно делување во барањето реакција од властите и од самите социјални мрежи за отстранување на таквата содржина.
Социјалните мрежи, како што е Фејсбук, имаат морална и законска обврска во јавниот домен да спроведуваат механизми за заштита на неовластено и несоодветно споделување на содржини на нивните платформи. Станува збор за многу чувствително прашање во однос на кое мора веднаш да се делува за да се обезбеди такви инциденти повеќе да не се повторуваат во иднина.