fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Транспарентноста и навременото информирање се еден од лековите за справување со дезинформациите

Во македонската регулатива нема усогласена дефиниција на дезинформациите. Тоа остава ризик политиките за спречување на ширењето дезинформации да се насочат кон замолкнување на критичката јавност и кон ограничување на слободата на говорот и работата на новинарите.

Постои потреба од сеопфатна стратегија за справување со дезинформациите, како и постојано надоградување  на постоечките институционални капацитети за превенција и справување со дезинформации.

Ова се дел од прелиминарните наоди на истражувањето на Институтот за комуникациски студии (ИКС) што беа презентирани на меѓународната конференција „Кревање на завесaта: справување со политички дезинформации преку зголемена институционална транспарентност“. Професорката Весна Шопар која е дел од истражувачкиот тим на ИКС, посочи дека транспарентноста на институциите и обезбедувањето навремени и точни информации е од исклучително значење како превентивен механизам за спречување на ширењето на дезинформациите. Првичните наоди укажуваат дека во последните пет години има подобрување транспарентноста според индексите за мерење на повеќе граѓански организации, но некои министерства имаат слаби резултати. Новинарите од 35 медиуми, колку што учествуваа во фокусните групи како дел од истражувањето, забележуваат дека се соочуваат со формална транспарентност: често е „одолговлекувањето на одговорот“, „префрлање на надлежноста од една на друга институција“, а транспарентноста честопати се поистоветува со следење и промоција само на активностите на функционерот. „Таа привидна транспарентност за која зборуваме е кога институцијата дава писмен одговор само колку да не кажеме дека се оглушиле на новинарските прашања, без да даде одредена вредност на новинарската сторија, туку колку да ја има втората или другата страна“, рече новинарката од „Блумберг Адриа“, Ирена Каревска.

Жанета Трајкоска, директорка на ИКС, рече дека овој настан е само еден од низата активности во неколкугодишниот проект којшто е насочен не само кон откривање на дезинформациите, туку и кон нивно целосно разбирање: намерата, начинот на диструбуција, техниките кои се користат и последиците. „Во оваа борба ниту сме сами, ниту единствени. Затоа ќе работиме со сите чинители: со институциите, со медиумите, со граѓанскиот сектор, со академијата и со различни групи граѓани“, рече Трајкоска.

На конференцијата, која што ја отворија Славица Грковска, заменичка на претседателот на Владата на Република Северна и Ендру Бренд од Амбасадата на Обединетото Кралство, учествуваше и Роберт Поповски, национален координатор за одговорно владење и транспарентност во Владата кој истакна дека и покрај реформираниот систем за комуникации и пристапот за активна транспарентност, има простор за подобрување.

На конференцијата учествуваа Џина Бирн и Керолин Ерман од Одделот за меѓународни проекти во Кабинетот на премиерот на Обединетото Кралство кои пренесоа како функционира британскиот модел на институционална поставеност и превенција од дезинформации во јавниот сектор, почитувајќи ги насоките од РЕЗИСТ 2 прирачникот. Ингрид Омахна од Центарот за европска перспектива од Словенија кажа дека во регионот веќе петта година постојат иницијативи на соработка меѓу владите во регионот преку проекти за дигитална дипломатија, но и соработка со граѓанскиот сектор, медиумите и академијата.

Ива Ненадиќ, истражувачка во Европскиот универзитетски институт и членка на Европската опсерваторија за дигитални медиуми (EDMO) укажа на ризикот од потхранување на медиумскиот клиентелизам преку државното рекламирање што е случај со 26 од вкупно 32 земји во Европа и Западен Балкан. Саманта Бредшо, доцентка на Факултетот за меѓународна служба на Американскиот универзитет  ги сподели клучните наоди од истражувањето што го правела на Оксфордскиот институт за интернет за тоа како владите во 81 земји во светот, меѓу кои и Македонија, ги употребуваат  социјалните медиуми.

Дезинформациите носат штета – не само за поединци, туку и на државите и општествата. Камило Умана-Даџуд, економист во Организацијата за економска соработка и развој од ОЕЦД посочи дека се работи на медодологија која е се уште во зародиш за утврдување на штетите од дезинформациските кампањи на ниво на држави. Но, за да се направи тоа потребно е усогласена дефиниција и параметри кои би се мереле на ниво на држави за да може добиените податоци да се споредуваат.

Прелиминарни заклучоци од истражувањето „Транспарентноста на институциите како предуслов за спречување на ширењето дезинформации и шпекулации во Северна Македонија“

  • Oтсуствува консолидирана, усогласена дефиниција на дезинформациите во владините институции, но и воопшто. Tоа носи ризик политиките за спречување на дезинформациите да се насочат на замолкнување на критичката јавност и ограничување на слободата на говор и новинарската уредувачка слобода
  • Во отсуство на институционален консензус околу дезинформациите, се доведува во прашање креирањето на ефикасни, координирани политики и мерки за спречување на ширење на дезинформациите
  • Вужно е развивање на посебна стратегија за справување со дезинформациите како и постојано надоградување на постоечките институционални капацитети за справување со дезинформации, или пак развивање и нови
  • Во ваков контекст, транспарентноста на институциите е од исклучително значење, како корективен механизам за спречување на ширење на дезинформациите
  • Во актуелниот наратив на владините институции доминира поимот на „активна транспарентност“ што подрабира дисеминација на слободни и редовно обновени информации без некој тоа од нив да го бара. Мерењата, односно индексите на транспарентност покажуваат тренд на подобрување во овој поглед. Некои министерства имаат многу високи рејтинзи на активна транспарентност, но има и такви со слаби резултати.
  • Сепак транспарентноста не може да се ограничи само на прес конференции, ажурирање на веб страници и работа на портпароли. Транспарентноста е системски проблем и потребен е системски пристап. Освен пласирање и достапност на информации, таа подразбира и обврзувачки, јасен, отворен, разбирлив процес на донесување на одлуки на власта, но и механизми за корекција. Ако овие три аспекти не се паралелно застапени тогаш нема транспарентност, односно не е системски оддржлива независно од индексите и рејтинзите.
  • Професионалните компетенции на новинарите се радикално сменети. Потребни се знаења и вештини за откривање на дезинформации. Во оваа смисла потребна е поддршка преку професионалните јадра на новинарите и образовните институции за континуирани обуки на новинарите, но и политичка волја за професионално и независно новинарство
  • Сајбербезбедноста е посебен предизвик за Република Северна Македонија. Потребни е соодветна институционална инфраструктура, стратешко планирање и вложување во институционалните капацити за справување со сајбер и хибридните закани, во согласност со референтните европски регулативи и НАТО стандарди.

ИКС ќе го објави финалното истражување во февруари 2023 година.

За проектот „Користи факти“ на ИКС

Оваа конфереренција е дел од низата активности на ИКС во рамки на двеипол годишниот проект „Користи факти: Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија“ кој треба да обезбеди поддршка на граѓаните, новинарите и граѓанските организации за да го зголемат јавното разбирање за потеклото, мотивите и влијанието на дезинформациите во општеството.

ИКС, преку своите медиумски онлајн платформи, ќе истражува, открива и деконструира кои се намерите, изворите и наративите на дезинформирање кои се закануваат да ја поткопаат довербата на јавноста во институциите и да ги зголемат поделбите во општеството. Овој пристап ќе ја нагласи штетата предизвикана од дезинформациите во Северна Македонија.

 

Проектот е финансиран од Британската амбасада во Скопје и ќе трае до март 2025 година.

Линк до видео преносот од конференцијата може да најдете ОВДЕ.

Повеќе фотографии од настанот може да најдете ОВДЕ.