Стручните училишта им го зедоа приматот на гимназиите
Техничките струки му го зедоа приматот на гимназиското образование. Ако порано беше престиж да се оди во општа гимназија за да се стекнат широки знаења, тоа повеќе не е случај. Од 17 000 запишани средношколци, дури 12 000 се во средни стручни училишта. Ова значи дека 70 % од учениците, наместо гимназија одбрале средно стручно училиште. Расте интересот и за дуалните паралелки.
Дуалното образование нуди оспособен стручен кадар, но треба и да се задржи
Директорот на средното средно училиште „Владо Тасевски“ во Скопје, Добре Михајлов, вели дека оваа учебна година запишале 250 нови ученици или повеќе од 890 ученици учат во сите четири години. Од ланската година имале поголем интерес за стручното образование за дополнителни 80 ученици.
„На децата им нудиме многу добри услови за учење, опрема со која може да работат, практична настава којашто може да ја изведуваат и во училиштето, но и во реални компании со кои соработуваме преку проектот на дуалното образование, но и преку предметот „Учење преку работа““, изјави Михајлов.
Ученикот од ова училиште Сергеј Алексовски раскажува дека за време на часовите имаат направено микроконтролер за Морзеовата азбука, односно со помош на потенциометар и копче се избираат букви и се пишува текстот што треба да се преведе во Морзеов код и откако ќе се напише текстот, се стиска копче и текстот прераснува во звучен и светлосен сигнал.
„Многу е важно средното стручно образование зашто можеме да научиме нови работи кои се многу корисни. Без пракса, теоријата не е корисна. Праксата е потешка доколку не ја знаеме теоријата, но доколку ја знаеме теоријата, тогаш праксата ќе ни биде многу полесна, а доколку ги знаеме и двете, ќе успееме во тоа што сакаме да го постигнеме“, вели Сергеј.
Неговиот соученик Петар Неделковски, пак, работи на индустриски филтер што ќе прочистува големи простории, со голема кубикажа на воздух.
„Два дена од работната недела е пракса, другото се теоретски учења, и ако ги немам тие, не знам дали би можел нешто да работам. Научив како да работам со ЦНЦ машина, како да програмирам ЦНЦ машини, 3-Д принтери“, ни кажа Петар.
Како функционираат дуалните паралелки ја прашавме Вања Василевска. Таа три дена е во училиште каде стекнува теоретско знаење, а два дена работи во вистинска деловна средина, односно во компанијата „Џонсон Мети“, под будно око на ментор. Тоа на Вања ѝ да можност вистински да ја почувствува работната атмосфера и да црпи искуство коешто потоа самата го променува.
„Тоа ми беше многу важно зашто теоретски кога ќе го знам, а практично нема да го опипам, не знам што понатаму треба да направам. Вака ние имаме еден чекор понапред. Ако сакаме да се вработиме во некоја фирма, ќе знаеме како тоа да го изведеме практично“, вели Вања Василевска, ученичка во СУГС „Владо Тасевски“
Но, Вања не ја исклучува можноста по дипломирањето да замине во странство, како што размислуваат многу млади луѓе.
„Во зависност од тоа каде ќе бидат подобри условите. Ако ми се отвори некоја шанса за надвор би сакала да пробам како некое ново искуство за да се надградам. Ако не одат таму добро работите, можеби ќе се вратам назад. Мислам дека треба да дадат и одредени стипендии за учениците. Јас имам просек 5.00 секоја година и немам ниту една стипендија и тоа ми дава поттик да одам надвор зашто е таму поубаво. Малку треба да се погрижат за тој дел, зашто, сепак, парите го движат светот“, ни изјави Вања.
Директорот Михајлов вели дека училиштето дава финален кадар што е подготвен да работи на реални проекти, во реални компании, но може и да се дообучува на факултети за да станат инженери или менаџери.
„Нашите ученици кои го поминале процесот на дуално образование и на учење преку работа се подготвени да работат веднаш откако ќе ги напуштат училишните клупи. Ќе ги задржиме ако им понудиме перспектива на тоа што можат да го работат тука, да им дадеме максимално добро образование, но и реалниот сектор треба да ги мотивира со добри услови, да го вклучува во што повеќе реални проекти каде што тие ќе можат да бидат мотивираат да останат во тие компании. На крајот, и финансискиот дел е многу важен, треба да бидат и финансиски мотивирани“, објаснува директорот на СУГС „Владо Тасевски“.
Дуалното образование да се прошири и на универзитетите
Освен во средните училишта, дуалното образование да се применува и на универзитетите. За оваа идеја се погласно се зборува, за и студентите да добијат практично искуство. Наташа Јаневска од Стопанската комора на Македонија вели дека дуалното образование е најефикасниот начин да се дојде до стручен, соодветен кадар за компаниите и самите тие да го подготвуваат кадарот според нивните производствени процеси.
„Многу вложивме во ова, долго време работевме, прво на системско менување и уредување на дуалното образование, а потоа и да ја смениме стигмата којашто постоеше дека стручното образование е само за послаби ученици. Овие 70 % проценти запишани последниве две учебни години потврдија дека веќе станува реален процес што го прифаќаат сите ученици и родители, бидејќи ние и кон нив се обраќавме дека треба да ги пуштаат учениците во средни стручни училишта според нивните можности и желби. Има практична настава во училиштата, но во училишни лаборатории и училници. Но, тоа не е она што сакавме да го постигнеме. Целта беше на реално работно место да го осетат духот на самата компанија, организациската поставеност, да видат кои се претпоставени, како течат процесите, со кои машини се соочуваат, да развијат меки вештини како одговорност, посветеност, точност, па и решавање на проблеми, креативност. Тука влегува и безбедност, да бидат едуцирани за безбедност и заштита при работа. Тоа учениците не можат да го видат додека се во нивните лаборатории“, објаснува Јаневска.
Средното стручно образование му обезбедува на ученикот да се стекне со вештини, знаења и компетенции со кои ќе може потоа да настапи на пазарот на труд или да го продолжи своето образование. Дуалното образование, пак, се спроведува во две различни средини – во училиште и во компанија, а МОН го поддржува процесот со стипендии. Годинава во 62 училишта има дуални паралелки, а во прва година се запишани 4 илјади ученици.
„Оваа година, од 17 илјади запишани во средно образование, 12 илјади ученици се запишани во средно стручно образование. Треба да им заблагодариме на швајцарската и германската амбасада кои се вложија за да го развиеме ова образование, но и на компаниите и стопанските комори кои го пријавија проблемот на недостиг на работна сила и дадоа силно влијание во формирањето на целиот процес, но и за самиот закон. Мислиме дека сме сега во напредната фаза и ќе се средат работите така како што треба. Учениците сакаат да одат во средните стручни училишта зашто договорите кои ги имаме со компаниите им нудат погодности во учењето, но потоа дел од нив ќе бидат и вработени во истите компании“, вели Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Вмрежувањето меѓу компаниите и училиштата се врши преку центар за дуално образование. Учениците добиваат ментори, посебни лица од фирмите кои претходно поминуваат обука и кои ги водат низ целиот процес, го следат и оценуваат нивниот развој. Се проверува и дали компанијата има услови и опрема каде што може да се реализира практична настава. Компанија, училиштето, ученикот или родителот потпишуваат договор каде што се прецизирани обврските. Тоа што функционира во средните стручни училишта се бара и за студентите.
„Истото тоа, преку нашите работни средби што ги имавме со компаниите, го побараа и за студентите. Велат дека тие имаат многу солидно академско знаење, но немаат никакво практично знаење. Тоа што го гледаат, премногу академски и теоретски го знаат, но сакаме да ја засилиме и практичната настава. Токму затоа, иницијатива на Стопанската комора е воведување на дуалното образование, односно практична настава и во високото образование. Заедно со Советот за високо образование и стратешки планирања започнуваме нови активности, охрабрени од она што го направивме со средното стручно. Имавме средби со пет универзитети, прво почнавме со државните универзитети, со нивните ректорски управи и тие ни дадоа поддршка за ова што планираме да го направиме, меѓу кои и измена на Законот за високо образование. Ако го погледнете новиот закон ќе се забележи дека практична настава се споменува само во оние регулирани професии, како докторски студии, ветерина, архитектура и слично. Во другите студиски програми никаде нема практична настава“, вели Јаневска од Стопанската комора на Македонија.
На почетокот, на прсти се броеја компании кои учествуваа во процесот на дуално образование, но сега веќе се стигна до бројка од 560. Со тоа, барем малку се надмина јазот што постоеше меѓу потребите на компаниите од стручен и професионален кадар и знаењата и вештините со кои младите излегуваа на пазарот на трудот. Па, имавме парадоксална ситуација – компаниите постојано објавуваа огласи за вработување и бараа работници, а од друга страна имавме огромна бројка на млади невработени луѓе кои ги немаа потребните вештини, знаења и практично искуство.
„Само во последните пет години, од 10 компании, бројот на компании кои се вклучени во овој процес се искачи на 500. Во изминатиот период направивме и енормен напор да произведеме луѓе кои што се подготвени да ги преземат децата во процесот на работа, така што имаме повеќе од 1.300 едуцирани ментори во државата, што е основа за сериозен пристап. Чувството дека во државата многу се менува, мислам дека во овој сегмент е најизразено. Многу сум среќен дека децата сакаат да одат во техничките средни училишта повеќе отколку во гимназиите. Порано тоа беше срамота, беше за семејството како стигма дека детето не сака да учи во гимназија. Денес е сосема поинаку. Денес имаме притисок на средните стручни училишта и ова што се случува е навистина чудо. Сакам да продолжи за барем малку да го стопираме одливот на работна сила што го имаме во државата“, изјави Антони Пешев, извршен директор на Стопанската комора
Нацрт-законот за дуално образование на јавна расправа
Дуалното образование досега се спроведуваше неорганизирано, односно на добра волја, бидејќи немаше законско решение. Но, сега е подготвен нацрт-закон што е веќе објавен и предмет на јавна расправа, а се очекува пратениците за него да гласаат во октомври. Се очекува со ова да се регулираат односите помеѓу училиштата и компаниите. Власта се надева дека за решението ќе има консензус во Собранието.
„Законот е веќе поставен на ЕНЕР и на веб-страницата на Министерството за образование и е отворен за дискусија, што значи дека е поставен на јавна расправа. Секој кој има забелешки на законот може на линкот на веб-страницата и на ЕНЕР да ги даде своите забелешки, за законот да биде што е можно поконкретен и подобро направен. До 1-ви октомври тој е на јавна расправа. Секако, министерството ќе организира и јавни расправи во регионите каде што ќе бидат присутни директорите на училиштата, наставниците, родителите, секој што е заинтересиран за да го подобриме текстот на законот. Навистина направивме голем напор во овие три месеци да го донесеме овој закон зашто тој требаше многу порано да биде донесен. Пратениците во Собрание исто така можат да го погледнат, сите да дадат свои сугестии. Јас би сакала да го донесеме со консензус зашто е многу, многу значаен за државата“, изјави министерка за образование и наука Весна Јаневска.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинар: Мартин Пушевски
Снимател: Слаѓан Милошевски
Монтажерка: Мајда Бошњак Атанасовска