Силен ангажман и применливо знаење во првата фаза од Академијата за подготвеност за иднината
Академијата за подготвеност за иднината успешно ја заокружи првата фаза од програмата, преку реализација на трите воведни модули: Писменост за иднините (Futures Literacy) и стратешко предвидување, Медиумска и комуникациска писменост и Дигитална и податочна писменост. Евалуацијата од учесниците укажува на високо ниво на задоволство и силен ангажман, особено во однос на релевантноста и практичната применливост на содржините.
Студентите ја истакнаа интерактивноста и ангажирачкиот пристап како клучна вредност на програмата. Модулот за Писменост за иднините беше опишан како креативно и колаборативно искуство што придонесува кон пошироко и подлабоко разбирање на неизвесноста, донесувањето одлуки и долгорочното размислување.
Низ сите модули, учесниците пријавија значителен напредок во критичкото размислување, аналитичките способности и практичните вештини. Модулот за Медиумска и комуникациска писменост придонесе кон подобро препознавање на дезинформации, анализа на наративи и планирање комуникациски стратегии, додека модулот за Дигитална и податочна писменост ја зајакна способноста за работа со податоци, евалуација на извори и ефективна комуникација на резултати.
Посебно се нагласува интердисциплинарната вредност на програмата. Учесници од области како право, менаџмент, комуникации и логистика истакнаа дека стекнатите знаења и вештини се применливи и во академски и во професионален, но и во секојдневен контекст.
Квалитетот на наставата и поддршката доби високи оценки, при што предавачите беа опишани како стручни, ангажирани и отворени за соработка. Истовремено, евалуацијата понуди и конструктивни насоки за понатамошно унапредување, особено во делот на организацијата на групната работа, оптовареноста со обврски и функционалноста на платформата.
Овие согледувања се земаат предвид во понатамошниот развој на Академијата. Повратните информации потврдуваат дека програмата веќе постигнува значајни образовни резултати, а воедно обезбедува јасна основа за континуирано подобрување.
Со уште два модули кои следуваат, Академијата за подготвеност за иднината, имплементирана од ИКС, продолжува да гради квалитетна и инклузивна средина за учење, насочена кон јакнење на знаењата, вештините и капацитетите на младите за соочување со комплексните предизвици на иднината.
