Ширењето на дезинформации води кон говор на омраза
Сатиричниот портал Кооперација, неодамна објави сатиричен напис во кој вклучија измислена изјава на премиерот Димитар Ковачевски, со наслов „Ги одмрзнавме цените затоа што граѓаните не можеа да ги дотрошат зголемените плати.“
Иако порталот Кооперација го објави овој текст под хаштагот Сатира (#Сатира), сепак некои корисници на социјалните мрежи споделуваат пост на Фејсбук во кој се таргетира изјавата на Ковачевски како да е вистинита.
Зошто е ова проблематично?
Постојат два клучни проблеми поврзани со ова. Прво, проблематично е ширењето на дезинформации, односно дека изјавата на премиерот Ковачевски е вистинита, а всушност не е. Порталот Кооперација јасно наведува дека содржините се дел од категоријата „Сатира“.
Второ, ширењето на вакви информации со назнака дека се вистинити водат кон говор на омраза и навредлив говор, како што може да се види од читање на дел од коментарите на Фејсбук постот во прашање.
Мрежата за разновидност 2.0, и ИКС како нејзина членка, сметаат дека ваквото споделување на содржини е штетно за јавниот дискурс и може да доведе до штетни последици во општеството како резултат на говор на омраза.
Текстот е објавен во рамки на проектот „Мрежа за разновидност 2.0“, со поддршка на Европската унија, Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов Фонд во САД, и Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград.