За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Сега е време да се изгради штит од странско мешање пред изборите

Експертите предупредуваат дека изборните манипулации почнуваат една до две години однапред, а со приближувањето на изборите се засилуваат СММИ и ДММИ, што бара навремена и координирана институционална реакција.

Изборниот период е еден од најсензитивниот кога е во прашање странското мешање и манипулирање со информациите (СММИ). Тоа не доаѓа преку ноќ и не се слушува на денот на гласање туку почнува многу порано, година – две пред изборите.

Следниот редовен изборен циклус што ја очекува Северна Македонија е за околу две години отсега, во 2028-та. Затоа токму сега е и моментот кога земјата треба да почне да се справува со овој предизвик, порачува независниот експерт и консултант за странско мешање и манипулирање со информациите, Федерико Јулио Сикурела, потсетувајќи и на извештај на Европската унија за манипулациите со информации во време на избори.

„Она што е содржано во извештајот е суштинска поента, а тоа е манипулирањето не се случува на самиот изборен ден. Всушност, повеќето од манипулациите поврзани со изборите почнуваат многу пред тоа, една или една и пол година пред да почнат изборите. Така што токму денеска е моментот кога треба да почнете. Ова е времето кога се воспоставуваат т.н. активи за вршење влијание кои ќе се интензивираат како што ќе се приближуваат изборите. Тоа е важна лекција“, вели Сикурела.

Тој нагласува и дека е важно да се следи што се случува после изборите бидејќи непријателските актери, ако ги има се заинтересирани да видат какво било влијанието и ефектот од нивото делување.

Своите гледишта Сикурелаги сподели за време на „Подготвеноста на институциите за одговор на странско мешање и манипулирање со информации (СММИ): предизвици, координација и следни чекори“ што ја организираше Институтот за комуникациски студии на 8 април во Скопје.

Зборувајќи за важноста од справувањето со манипулирањето со информациите, специјалистката за медиумски мониторинг од ОБСЕ/ОДИХР, Франческа Богери, нагласува дека е потребна соработка и вклучување на други институции, соработка со граѓански организации итн. Тоа, од причина што меѓудругото, како што посочи таа, мисијата на ОБСЕ/ОДИХР која ги следи изборните циклуси и во Северна Македонија, е во земјава ограничен период од неколку недели. Соработката, нагласува таа, е клучна.

„Најголемите ризици за Македонија е фрагментацијата. Токму тоа го забележуваме – има капацитет на сите нивоа, но она што недостасува е тоа да се обедини, да се донесе соодветна експертиза, да се избегне преклопување“, вели Богери.

Странското и домашното манипулирање одат заедно

И Богери и Сикурела се децидни – странското мешање и манипулирање со информациите оди заедно со домашното. Домашното мешање и манипулирање со информации (ДММИ), како што нагласува Богери, е во фокусот на мисиите за набљудување на изборите и тоа е нивниот мандат, но потенцира, секогаш тие се поврзани со странки актери.

„Која е разликата помеѓу анализата на СММИ и ДММИ? ДММИ бара атрибуција. Организацијата за набљудување на изборите не прави атрибуција, тоа не е улога ниту мандат на мисиите за набљудување на изборите. Секако, зависи од контекстот, ќе се вклучат квалитативни елементи ако е потребно, но главниот фокус е домашната манипулација со изборите. Се согласуваме, нема СММИ без ДММИ, овие домашни злонамерни актери секогаш се поврзани со странски актери. Но, разбирањето и евалуацијата на таа поврзаност не е секогаш лесно, тоа бара специфични вештини што аналитичарите што работат во мисиите за набљудување често ги немаат – на пример, форензичко искуство и други слични видови искуства. Комплицирано е“, посочува Богери.

Секоја кампања со странското мешање и манипулирање со информациите ќе биде неуспешна ако не мобилизира домашни актери, како што се инфлуенсери и не покрене наративи важни за домашната јавност, провокативни прашања и теми што предизвикуваат поделби.

„СММИ актерите се познати по тоа дека ги користат овие локални врски, но и ги прикриваат за да не се посочи со прст кон нив. Поентата ми е, кога сакаме да воспоставиме соодветни институционализирани СММИ пристапи ова е нешто што треба да го имаме предвид. ДММИ е подеднакво важно како и СММИ. Предизвикот е како да се дизајнираат институции што ќе можат да се справуваат истовремено и со СММИ и со ДММИ и ова покренува важни прашања за мандатот, институционални компетенции и одговорности“, вели независниот експерт Сикурела.

Македонија планира да ја институционализира борбата против СММИ

Но, каде во справувањето со овие предизвици се наоѓа Северна Македонија? Владините претставници тврдат дека се свесни за сериозноста на овие прашање и веќе презеле чекори. Портпаролката на Владата, Марија Митева вели дека имаат политичка волја да ја отворат дискусијата како понатаму. Како што истакнува, факт е дека станува збор за една од најсуптилните закани денес, бидејќи не станува збор за физички напад, туку за напад преку наративи коишто значително можат да ја нарушат довербата во институциите. Она што институционално е направено, нагласува Митева, е Националната стратегија за сајбер-безбедност во којашто се детектираат хибридните закани и се отвора пат за дополнително носење на подзаконски рамки.

„Клучното што ни беше тука е да видиме колку институциите во Македонија навистина знаат што значи оваа тема, дали ја правиме онаа разлика помеѓу дезинформација и лажна вест или дали навистина знаеме што значи овој нов феномен на којшто мораме сериозно да одговориме. Следниот чекор би било целокупната оваа работа можеби да ја институционализираме, односно да го воспоставиме она едно координативно тело коешто навистина ќе ги следи сите работи и ќе може да биде во тек со состојбите“, вели Митева.

Идеален модел не постои, потенцираат и Митева и експертите. Потребен е модел за справување со СММИ во кој ќе биде земен предвид и македонскиот контекст. Сепак, низ Европа има неколку успешни примери од кои може да се користат искуства.

Дел од нив, кои ги посочува и независниот експерт и консултант Сикурела, се моделите во Шведска која има воспоставено Агенција за психолошка одбрана, француската служба за будност и заштита од странски дигитални пречки – VIGINUM, украинското тело за справување со дезинформации…

Тука е и британскиот модел, каде надлежните го воспоставиле системот РЕЗИСТ (RESIST). Како што посочува Џо Мекарон-Шипман од Службата за комуникации на Владата на Обединетото Кралство (GCSI), станува збор за систем кој се состои од повеќе компоненти, а тоа е препознавање на заканата, систем за рано предупредување, увид во ситуацијата, стратегиски комуникации и следење на ефикасноста.

Меѓу клучните прашања што треба да се постават за да може еден систем ефикасно да се одговори на дезинформациските кампањи и лажните вести е да се види кои се лицата што ги шират информациите, дали работат за странска држава, дали е вклучена некоја ПР фирма, кој ја плаќа кампањата, што се способни овие актери да направат.

Сепак, Шипман нагласува дека справувањето со СММИ бара интензивни ресурси, не само фондови, туку и многу обука, способности и човечка интелигенција. Поентата е, на крајот, да се прекине профитабилноста на овие актери.

СММИ-актерите во суштина работат како организиран криминал. Тие се во сенка. Тие не се придржуваат до одредени граници и често можат брзо да го приспособат својот пристап за да го променат местото каде што се наоѓаат, а со тоа и законите на кои се придржуваат. Со заедничко работење, можеме да го поделиме товарот со аналитичките ресурси и исто така, да им оставиме помалку места за криење. Ова е нешто на што сме склони во Велика Британија – работиме со нашите партнери да ја ограничиме можноста на овие луѓе да се кријат на одредени места и онлајн и физички. Во принцип, таа соработка ќе спречи тие да бидат профитабилни. Нема да го запреме СММИ преку ноќ, но ќе и отежнеме на одредена странска влада да води успешна кампања“, вели Шипман.

Има ли во странски актери во Северна Македонија?

Дебатата за борбата против странското мешање и манипулирање со информациите и потрагата по идеален модел за справување, го наметна и прашањето дали во Северна Македонија постои СММИ и во кој обем.

Претставниците на политичките партии кои присуствуваа на дебатата, се согласни дека е потребен одговор на ваквите закани, но се со различни гледишта за тоа од каде доаѓа странското мешање.

Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Андреј Жерновски, ја прозва власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ, дека во македонските медиуми има директна сопственост од унгарски капитал алудирајќи на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, кој во меѓувреме загуби на изборите и по 16 години владеење заминува во опозиција.

„Ние живееме во земја каде над 40 проценти од медиумскиот простор е контролиран од медиум кои се под контрола на Орбан“, рече Жерновски посочувајќи и конкретни примери. Тој тврди дека преку вакви медиуми се шират наративи дека Европската унија го брише идентитетот, анти ЕУ-пораки и суптилни проруски пораки.

„Се поставува прашањето дали институциите кај нас немаат капацитет, не можат или не сакаат да реагираат. Јас се плашам дека се случува ова второто. Ние мора да направиме едно тело кое ќе ја координира работата помеѓу МВР, Агенцијата за разузнавање, АЕК, исто така. Затоа што, во овој момент сите тие делуваат раздвоено. И во претходната влада делувавме раздвоено, да не бидам сфатен погрешно. Меѓутоа, кога имате такво присуство на една друга земја во медиумите  и ние сме и тоа како изложени на влијанија“, вели Жерновски.

Тој посочи дека во Северна Македонија нема извештај за странското мешање и манипулирање од надлежните тела, ниту пак систем за рано предупредување од координирани странски кампањи.

Пратеникот од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, пак, ги отфрли прозивките од опозицијата дека постои странско мешање во Северна Македонија. Според него, опозицијата всушност е домашен извор за манипулирање со информации, прозивајќи ја опозицијата дека манипулирала со информации за носење мигранти што првично се одбиени од Велика Британија, информација која била демантирана.

„Ако ова се стави низ призма и во рамка на она што беше презентирано овде, ќе видиме дека доколку ги следиме овие чекори за да препознаеме странско мешање со информации да си одговориме на прашањата: дали го амплифицираат наративот – да, тие секој ден го прават тоа на одредена тема; дали поттикнуваат поделби – апсолутно поттикнуваат поделби во општеството; и дали се обидуваат да создадат хаос – да, се обидуваат да создадат хаос. Така што, јас ова излагање на опозицијата ќе го земам низ призма на еден класичен еклатантен пример на домашно манипулирање со информации“, рече Петрушевски.

Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Павле Трајанов, тврди дека не може да се каже дека земјава нема никаков систем. Тој го нагласува постоењето на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и тероризам, во кој партиципираат 22 институции и тврди дека ова тело ги координира активностите за овие состојби, вклучително и за странско влијание.

„Генерално службите за безбедноста, разузнавање, контраразузнавање, МВР, но и военото разузнавање и пошироко ги следат сите состојби, вклучително и странско мешање. Така што, не е дека нема систем кој е добро поставен и функционира. Околу тоа дали има странско мешање, како што тоа го нагласува опозицијата, мислам дека немаме никакво руско мешање во политиката на Република Северна Македонија. Тоа е класична манипулација или обид за дискредитација или повеќе за блокирање на европскиот пат на Македонија“, вели Трајанов.

Тркалезната маса „Подготвеноста на институциите за одговор на странско мешање и манипулирање со информации (СММИ): предизвици, координација и следни чекори“ се организира во рамки на проектот „Зајакнување на оперативната подготвеност на Владата за одговор на СММИ во Северна Македонија“, поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Како дел од активностите во овој проект, ИКС подготвува анализа за институционалната подготвеност и капацитети во Северна Македонија, како и модели и пристапи за институционален одговор на различните операции за манипулација со информации.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Александар Самарџиски

Снимател: Иван Поповиќ

Фотографии: Томислав Георгиев

Монтажа: Ристо Душковски