Само природата може да ги реши најголемите градски проблеми
Како природата може да помогне во решавањето на најголемите проблеми со кои се соочуваат градовите низ Европа, а особено низ Западен Балкан, како што се топли лета и топлотни бранови, поплави, лош квалитет на амбиенталниот воздух, како и сè поголемата потреба за нови простори за живеалишта?
Ова беше темата на јавната презентација „Градски решенија засновани на природата – пат до одржлива иднинa“ на Кирил Арсовски-Пржо, истражувач од Институтот за комуникациски студии (ИКС). Тој ги презентираше сите анализи и резултати добиени од истражувањата на ИКС кои даваат одговор на тоа како може да се градат одржливи градови и заедници преку искористување на урбани решенија засновани врз природата кои одговараат на локалниот социјален и климатски контекст.
„Идејата е дека овие проблеми единствено можат да се решат со помош на природата.Не постојат веќе големи технички, архитектонски зафати кои можат да нѐ спасуваат. Сега природните решенија, посебно во овој дел на Европа, треба да ни обезбедат безбеден живот и раст“, рече Арсовски.
Тој нагласи дека градските решенија засновани на природата или урбаните решенија, се решенија базирани на природата, но се наменети да функционираат во градовите како динамични места со многу популации, со многу загадување, со многу притисоци кои треба да придонесат за физички промени во градскиот пејсаж, но и кои ќе имаат многу повеќе од естетска вредност.
Арсовски, исто така, посочи дека урбаните решенија треба да се резултат на долгорочно планирање, да се исплатливи, да се базирани на научни сознанија и анализи и она што е многу важно – да се носат во консултација со заедницата.
Настанот се поклопи со почетокот на изборната кампања и присутните кандидати за советници и градоначалници, ахитекти, биолози и екологисти го искористија да разменат мислење и свои гледишта за можни решенија на дел од проблемите во градските центри и за правецот во кој треба да се развиваат големите урбани заедници во Македонија.
Во дебата што следеше по презентацијата, присутните се согласија дека „урбаните решенија треба да бидат направени по мерка“, односно дека секое урбано решение треба даа одговара со локалните, социјалните, демографските, финансиските, економските, религиозните и политичките контексти на нашата земја.
„Копирањето на проекти од други земји и нивна брза примена нема да ги реши проблемите“, беше заклучокот на дел од дискутантите.
Ваквиот пристап треба да донесе промена во досегашниот начин на нудење на решенија од страна на политичките партии кои „настапуваат со програми полни со бајки односно со невозможни решенија за проблемите“.
Конференцијата се организира во рамките на проектот „Градски пристап кон забрзување на решенија засновани на природата преку Регенеративен урбан светилник на ЕУ (UPSURGE)“, кој е поддржан од Европската Унија. Регенеративен урбан светилник е референтна европска мрежа заснована на знаења, практики и тестирања на решенија базирани на природата (nature-based solutions) во реалниот живот, спроведени од повеќе европски градови, истражувачки институции и компании. Мерките на оваа мрежа ќе овозможат решенија за ублажување на ефектите од низата загадувања и прашањата поврзани со климатските промени, а ќе опфаќаат комбинација од дигитален систем, паметни технологии, ресурси и одржливи модели за градовите. Конзорциумот е составен од 22 научно-истражувачки институции, невладини организации и градови од Европа.
