Res Publica најавува: „Приказни од регионот“
Веќе неколку месеци, регионот „дише“ во вонредни околности предизвикани од КОВИД-19. За да го спречат ширењето на вирусот, владите од регионот преземаат низа мерки, додека граѓаните, институциите и приватниот сектор се соочуваат со низа различни предизвици. Ситуацијата дома ни е позната, но како соседните земји се справуваат со пандемијата? Кои се нивните предизвици? Какви лекции можеме да извлечеме од оваа здравствена (и економска) катастрофа?
За да ги одговориме овие прашања, започнавме блог иницијатива со организации и автори од регионот (Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Србија и Македонија). Во текот на две недели (24 јуни – 06 јули), ќе прочитаме како КОВИД-19 ги нападна земјите од регионот, какви мерки преземале тамошните институции и како граѓаните реагирале на овие мерки. Ќе научиме од нивните успеси, но и од нивните грешки.
Преку споделување на нивните „приказни“, ги сознаваме предизвиците со кои регионот се соочува во наредните неколку месеци, и сознаваме како ќе изгледа враќањето во нормала за сите нас.
Иницијативата „Приказни од регионот“ ја спроведува Res Publica, во соработка со Институтот за демократија и медијација (Албанија), Анализирај.ба (БиХ), Радио КИМ (Косово), Sbunker (Косово) граѓанската иницијатива „Не давимо Београд“ (Србија) и PCNEN (Црна Гора).
Иницијативата се спроведува во рамки на проектот „Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество“ имплементиран од Институтот за комуникациски студии (ИКС), со поддршка на Британската амбасада Скопје.