Регулирањето на вештачката интелигенција во Македонија – крпеница од правни инструменти
Усвојувањето на ЕУ-регулативите кои се однесуваат на Законот за дигитални услуги, на Законот за дигитални пазари и на Законот за вештачка интелигенција претставува значајна пресвртница во напорите кои ги вложува ЕУ за регулирање на дигиталната сфера. Земјите кои претендираат да станат членки на Унијата како Македонија мораат да ги усогласат правилата и законите со оние на ЕУ.
Сегашното ниво на правна усогласеност помеѓу македонското право и овие акти е во најдобар случај спорадично, покажа анализата што ја направи Институтот за комуникациски студии, заедно со Share Фондацијата и партнерите од проектот „Соработка за дигитални права на Западен Балкан“.
Поголемиот дел од реалната усогласеност е резултат на активностите за усогласување на законите со претходните регулативи на ЕУ. Другата усогласеност произлегува од донесувањето закони во согласност со останатите поопшти обврски кои Македонија ги има преземено во рамките на Обединетите нации, како и преку регионалните, мултилатералните и билатералните договори. На крајот, одредена усогласеност произлегува и од изворното матично македонско законодавство. Овој пристап резултира со крпеница од правни инструменти кои често се усогласени со некои од одредбите на овие три акти во духот, но не и во вистинската формулација или формалност.
Токму затоа од особена важност е отворањето на политиките на Унијата кои се однесуваат на дигиталната област, бидејќи дигиталните екосистеми на Западен Балкан се суштински поврзани со оние на ЕУ, додека истовремено се изоставени од чадорот на дигитално законодавство на ЕУ и од регулативите што се однесуваат на платформите.
Проектот „Соработка за дигитални права на Западен Балкан“ е финансиран од Фондацијата Отворено општество – Западен Балкан.