Работилница за подигнување на свесноста за ризиците од земјотресите во Битола
Земјотресите, поплавите и лизгањето на земјиштата се предизвици за кои е најдобро да се подготвиме пред да се случат. Затоа, денеска во Битола се одржа работилница, на која гости од Дирекцијата за заштита и спасување, Здружението за спасување на вода и планина „Македонски спасител“ Велес, како и од Градежниот факултет при Универзитетот во Загреб, ги презентираа предизвиците во справувањето со природните непогоди, а се дискутираа и предлози за подобра подготвеност во иднина. Покрај тоа, на работилницата се презентираа преземените активности во рамки на проектот, за подигнување на свесноста за сеизмичките ризици на населението во пограничните региони меѓу Албанија, Македонија и Грција.
Работилницата е завршен настан во рамки на проектот Интегративно зајакнување на свесноста за сеизмичките ризици (ИСРА), на која покрај ИКС и ИЗИИС, учествуваа и партнерите од Аристотел универзитетот од Солун, Грција; Фондација Еуцентре од Павија, Италија; Политехнички универзитет од Тирана, Албанија.