fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Промоција на Речник на медиумска писменост

Институтот за комуникациски студии Ве поканува на промoцијата на Речникот на медиумската писменост, што ќе се одржи во среда, 31 мај 2023 година, во 12 часот во Културно информативниот центар (КИЦ) во Скопје. 

Ова лексикографско издание е прв сериозен обид за систематизирање на термините коишто се појавија во дигиталната ера и  новите начини на комуникација, со развојот на медиумите и со појавата на нови алатки и активности во онлајн-сферата. Целта за неговото создавање е да се користи како унифицирана јазична основа и како водич за сите оние што сакаат и што имаат потреба да бидат упатени во областа на медиумската писменост.

Речникот нуди толкување на повеќе од 700 поими од областа на медиумската писменост, комуникологијата, новинарството, лингвистиката, филозофијата, антропологијата, правото, економијата итн. Достапен e како онлајн публикација на македонски и на албански јазик, а за секој термин е дадена и неговата англиската варијанта. Кај поголемиот број термини дадена е и дополнителна информација за нив (историски факти, функционални информации, фреквенција на употреба, стилски карактеристики итн.), со цел корисникот да добие целосна претстава за самиот термин. Со оглед на тоа што станува збор за специфична интердисциплинарна материја, во неговото креирање учествуваа 15 докажани теоретичари и практичари од различни области и образовни институции. Идејата е оваа публикација да се ажурира и да се збогатува со нови поими и во иднина.

Институтот за комуникациски студии го координираше процесот на креирање на Речникот за медиумска писменост во рамките на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, којшто го спроведува ИРЕКС во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и со Младинскиот образовен форум.

Ве молиме да го потврдите Вашето присуство најдоцна до вторник, 30 мај 2023 г., со испраќање порака на адресата: .