fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Предлог-законот за инспекциски надзор во животната средина да се подобри со амандмани во Собранието

Конзистентно решение за координација на државните и локалните инспектори, функционален надзор од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) врз локалните инспектори, посуштински процес на планирање на инспекциските надзори, достапност на инспектори после работно време и за време на викенди, опремување на инспекторите и зајакнување на транспарентноста.

Ова се некои од предлог-амандманите за Предлог-законот за инспекциски надзор во животната средина, кој е во собраниска постапка, а кои 35 граѓански организации, високообразовни институции и експерти, членови на Граѓанскиот инспекциски совет (ГИС) и на Алијансата за застапување и лобирање „Разбистри сè“, ги доставија денеска до Собранието. Тие бараат од пратениците да ги уважат нивните предлози и да ги изгласаат амандманите.

Предлозите предвидуваат јасна цврста структура за координација помеѓу државните и локалните инспектори на целата територија на државата, координирани од ДИЖС, како и формална соработка со други институции и служби на државно и локално ниво. Се бара функционален надзор од ДИЖС врз локалните инспектори, кој што и онака ја координира соработката во инспекциските надзори, дополнет со постојната супервизорска контрола на неговите извештаи од Инспекцискиот совет, наместо како што е предвидено во предлог-законот формирање посебна комисија од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Понатаму, се предлага посуштински процес на планирање на инспекциските надзори во клучните документи на ДИЖС, како стратегијата, програмата и годишниот план, заедно со локалните инспектори, со предвидување на технолошки развој (мерна опрема и инструменти, пристап до акредитирани лаборатории), на интерактивен систем за информирање и комуникација и на правна помош за формулирање законски одредби и за водење правни спорови пред надлежни органи.

Со предлог-амандманите треба да се реши хроничниот проблем на немање инспектор после работно време и за време на викенди кога се случуваат најголем број на инциденти и се предвидува контрола на инсталации од двата типа на инспектори, државни и локални по потреба, кога едниот затајува на терен и секаде каде има загрозување на животната средина. Се бара опремување на инспекторите за земање примероци за анализа и вршење на индикативни мерења и обезбедување средства од буџетот за таа цел.

Исто така, се бара задолжителна употреба на листи за проверка и наведување на видот и количеството гориво во регистарот на загадувачи бидејќи е главен извор на загадување на животната средина. Предлог-амандманите се однесуваат и на поголема транспарентност и објавување на базата на податоци, регистарот, инспекциските акти, извештаи, планови, програми, контакт броеви на инспекторите.

Граѓанскиот инспекциски совет, чија цел е подобрување на инспекцискиот надзор за намалување на загадувањето и уништувањето на животната средина, е формиран во рамките на кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сè“, која ја реализира Институтот за комуникациски студии.