Правилната подготовка спасува животи во случај на земјотрес
Училишното ѕвонче во битолската гимназија беше знак за тревога – земјотрес. На момент страв завладеа меѓу учениците. Брзо се засолнија под клупите, чекајќи повторно да се огласи ѕвончето кое беше знак дека тлото се смири. Сите полека ја напуштија училишната зграда и се евакуираа во дворот. Со ова беше означен и крајот на симулацијата на евакуацијата во случај на земјотрес.
Заклучокот на крајот беше дека сè помина успешно: Средношколците покажаа подготвеност за брза реакција и го применија сето она што како насоки и совети ги добија на предавањето што претходно ја одржаа инженерите од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.
Оваа активност во битолската гимназија „Јосип Броз – Тито“ е дел од проектот „Интегративно зајакнување на свесноста за сеизмичките ризици“ (ИСРА), кој во Македонија и во пограничните делови на Албанија и Грција има за цел да ја зголеми свесноста и на институциите и на населението за сеизмичките ризици.
Оваа регионална соработка, размената на искуства и знаења е многу корисна за нас во Македонија, но и за целиот регион, смета проф. д-р Игор Ѓорѓиев, директор на ИЗИИС.
„Учествуваме партнери од четири земји, од Македонија Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, од Албанија е Градежниот Факултет од универзитетот во Тирана, од Грција е универзитетот Аристотел од Солун, имаме тука партнер од Италија „Павија“, тоа е фондација „Павија ЕУ центар“. Ние сме здружени во овој проект заедно со ДСЗ да ја кренеме свеста на населението во пограничниот регион помеѓу Македонија, Албанија и Грција за однесување за време и после земјотрес“, истакна Ѓорѓиев.
Во Македонија подготвеноста за справување со земјотреси и поплави, посебно на младата популација, не е потребното ниво. Валентина Атанасовска од Дирекцијата за заштита и спасување смета дека е неопходно ова да влезе во образовните процеси на училиштата.
„Дали се подготвени или не, не можеме со сигурност да го кажеме за ниту еден човек во светот ниту за една држава, но одговорните чинители во државата коишто имаат законски надлежности да спроведуваат обуки во оваа фела, работат токму на тоа да се подигне свеста кај младата популација, а потоа во општеството во целина. А што се однесува на континуираното спроведување на обуки, секако треба да претставува навика, сите ние да бидеме свесни понатаму тоа што сме го научиле да го применуваме во пракса. Нормално едноставно да се соочиме со катастрофи треба да знаеме имаме предзнаење коешто можеме да се заштитиме себеси или тие околу себе“, вели Атанасовска.
Споделување на искуства од регионот
Симулационите вежби како оваа и протоколите за постапување при елементарни непогоди се клучни за спасување, вели Звонко Сигмунд, професор на Градежниот факултет во Загреб. Во Хрватска уште се свежи спомените од земјотресите од пред четири години – во март 2020 година два силни земјотреса го погодија Загреб, а осум месеци подоцна серија земјотреси го потресоа Петриње, од кои најсилниот беше 6,3 степени по Рихтер.
„Она на што ние вообичаено се фокусираме е подготвеноста, но тоа не е основната цел. Всушност мора да се подготвуваме за секоја фаза од издржливоста и опоравување. Веднаш штом се случи земјотресот, им се помага на луѓето да се извлечат живи. Но процесот на опоравување е многу специфичен и е неопходна владина помош. Секоја од тие фази од ситуацијата мора да бидат дел од симулациски вежби (стрес-тестови) и треба да има протоколи за секоја од овие ситуации, во смисла на управување, регулаторна рамка. Ова е всушност главната идеја, и од нашето искуство можеме да кажеме дека иако имавме визија, но не направиме симулациски вежби за сите ситуации, ние бевме многу подготвени за реакција веднаш по земјотресот. Но потоа обновата се одвиваше или се одвива многу бавно. Бидејќи не направивме симулациски вежби на регулаторната рамка, што всушност е главната препрека за активно или ефикасно опоравување. Тоа всушност е голем проблем за луѓето што живеат таму“, објаснува Звонко Сигмунд.
На ваков начин и младите во Грција се стекнуваат со знаења и вештини, објаснува професорката Еви Рига од солунскиот универзитет Аристотел.
„Грција слично како вашата држава Северна Македонија има висока сеизмичка активност со многу земјотреси. Во 1978 година имавме голем земјотрес во близина на Солун. Ние веруваме дека е многу важно да се има проект за сеизмичко предупредување како што се спроведе тука, во соработка меѓу Северна Македонија, Албанија и Италија. Посебно е важно за учениците во училиштата да се подготват за во случај на земјотрес за да знаат како да реагираат и да бидат колку што е можно побезбедни. Во Грција ние многу често имаме практични вежби во училиштата слични како што ја имавме овде којашто беше многу успешна.“, вели Еви.
Учениците и наставниците поподготвени по симулациите
Учениците се стекнуваат со некои предзнаења за земјотресите на часовите по физика и географија, но оваа симулација и предавањето се сосема поинакво искуство, вели Лидија Споа, директорка на битолската гимназија.
„Сите заклучивме дека земјотресот не бира ниту време, ниту место. Може да се случи во секој дел од денот, годината, месецот. Ваквите предавања се дел од соработката со ИЗИИС, наша едногодишна соработка, во која учениците беа вклучени во повеќе активности“, децидна е Споа.
За учениците од битолската гимназија „Јосип Броз – Тито“ ова беше прва симулација на евакуација во случај на земјотрес, но затоа имаат лични искуства од вистински земјотрес, како на пример оној пред две години. Николај Георгиев тогаш бил во својот дом на седмиот кат заедно со семејството.
„Јас живеам во зграда. Наеднаш се затресе и се евакуиравме – јас се скрив под нешто, соседите го користеа лифтот кој знам дека не треба да се користи. Со мајка ми и со брат ми излеговме надвор по скалите каде останавме два-три часа. На зградите и на ѕидовите видовме големи пукнатини. Беше страшно, но помина“, се присетува Николај.
Но и повозрасните имаат свои искуства и стравови од земјотресите во Битола. Професорката по хемија Лидија Атанасовска, со години не можела да го надмине стравот од земјотресот во 1994 година. Тогаш голем дел од нејзините сограѓани цела недела ја поминале под ведро небо.
„Почнавме да излегуваме затоа што бевме во куќа во приземје и единствено во тој момент што се присетивме е да излеземе надвор. Кога се движевме кон надвор во ходникот, буквално нè фрлаше лево десно, не можевме да одиме по права линија од тресењето, имавме неколку скали и по скалите исто така не можевме да се движиме по права линија, нè фрлаше лево-десно, излеговме во дворот и одеднаш сè се стиши. Сè до моментот после неколку минути, кога повторно се слушна звук како да тресат авиони, да речеме силен звук, и уште еднаш имаше јако тресење на земјата и потоа имаше смирување“, вели Лидија.
Иако технологијата оди напред, сепак нема начин да се превиди кога ќе има земјотрес. Затоа знаењата и вештините за самозаштита и самопомош се од клучно значење при вакви непогоди.
Битола, Дебар, Валандово и Гевгелија се сеизмички активни подрачја и не случајно беа избрани за градови каде што се одржуваа обуките на ИЗИИС. Целта на проектот е јакнење на свесноста на институциите, на здравствените власти, училиштата и на локалната заедница во пограничните регион на Македонија, Албанија и Грција.
Овие активности се одржуваа во рамки на проектот Интегративно зајакнување на свесноста за сеизмичките ризици (ИСРА), финансиран од Европската Унија.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Наташа Јанчиќ Менковски
Снимател: Иван Поповиќ
Монтажа: Ристо Душковски