fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Повик за поддршка на медиумски продукти за разоткривање дезинформации

Институтот за комуникациски студии (ИКС) објавува повик за медиуми за поддршка на производство на медиумски продукти за разоткривање на мотиви, наративи и/или влијание на дезинформации во општествената сфера. Со повикот се поддржуваат поединци или тимови од новинари и медиумски работници вработени или ангажирани во медиумите за изработка на новинарски содржини. Повикот се спроведува во рамките на проектот „Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија (Користи факти)“, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје.

За проектот

Проектот „Користи факти“ треба да ја зајакне отпорноста кон дезинформациите на широката јавност и ранливите групи во Македонија. Тој цели да создаде длабински анализи, истражувачки стории, едукативни содржини и да понуди ресурси кои ќе ги мотивираат граѓаните поангажирано да дејствуваат во општествените случувања и ќе ја зголемат транспарентноста на институциите, со што ќе се намали просторот за ширење дезинформации. Крајната цел на проектот е да се сензибилизираат граѓаните кон препознавање на структурата и содржината на дезинформациите, да се имунизираат против нивно ширење и да се изврши влијание врз властите за зголемена транспарентност во работењето и во процесите на носење одлуки за јавни политики.

Цели на повикот

Со повикот ќе бидат поддржани 4 медиумски продукти кои предвидуваат развивање, производство и дистрибуција на програми и содржини, притоа почитувајќи ја целосната уредувачка независност. Повикот е отворен и за известување за вести и за подлабински истражувања и известување, за сите видови медиуми и формати (веб, ТВ, радио, печатени, социјални мрежи). Предлозите кои вклучуваат подготвеност за експериментирање со нови медиумски формати се особено добредојдени.

Апликантите треба да покажат дека имаат јасен концепт за посакуваниот исход од програмите и содржините што ќе ги произведат. Тие треба да го продлабочат разбирањето и критичкото размислување кај граѓаните преку фактичко известување, истражување и визуелизирање на податоци, контекстуализирање на приказните и поттикнување на интеракција со публиката.

Предложените концепти треба:

  • да им овозможат на граѓаните подобро да ги разберат потеклото, мотивите, актерите и/или начините на кои се шират дезинформациите;
  • да опфатат нова или дополнителна медиумска продукција на висококвалитетни содржини;
  • да имаат аналитички пристап кон темите кои ќе бидат обработувани, презентирајќи различни перспективи и гледишта;
  • да имаат додадена вредност на тековната работа на медиумот.

Максималниот износ на финансиската поддршка е 2000 евра.

Начин на пријавување

Рокoт за поднесување на концептите е до 11 јуни 2023 на е-адресата . Апликантите треба да го пополнат образецот за концептот на ОВОЈ ЛИНК.

Апликантите кои ќе бидат избрани треба да ги произведат и дистрибуираат програмите и содржините во периодот од 19 јуни до 19 јули 2023.

 

Лица за контакт:

Дејан Андонов, програмски координатор – ; 071 317 661
Александра Теменугова, програмска координаторка – ; 070 359 876