fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Повик за истражувачи за дезинформации

Институтот за комуникациски студии (ИКС) објавува повик за истражувачи во рамките на проектот „Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија (Користи факти)“. Проектот е финансиран од Британската амбасада во Скопје и ќе трае до март 2025.

Повикот е наменет за искусни или млади истражувачи кои имаат интерес да работат на истражувања во областа на медиумите и новинарството, односите со јавност, политичката комуникација, доброто владеење, и транспарентност и отчетност. Како предност ќе се смета искуството во работа на проекти и/или истражувања во областа на дезинформациите и пропаганда.

Избраните кандидати ќе имаат можност да бидат дел од динамична група на професионалци со повеќегодишно искуство, во реномиран научно-истражувачки институт каде владее академска атмосфера водената од правилото на колективно учење и надоградба.

1. За проектот

Проектот „Користи факти“ има цел да ја зајакне отпорноста кон дезинформациите на широката јавност и ранливите групи во Македонија. Тој цели да создаде длабински анализи, истражувачки стории, едукативни содржини и да понуди ресурси кои ќе ги мотивираат граѓаните поангажирано да дејствуваат во општествените случувања и ќе ја зголемат транспарентноста на институциите, со што ќе се намали просторот за ширење дезинформации.

Крајната цел на проектот е да се сензибилизираат граѓаните кон препознавање на структурата и содржината на дезинформациите, да се имунизираат против нивно ширење и да се изврши влијание врз властите за зголемена транспарентност во работењето и во процесите на носење одлуки за јавни политики.

Проектот e насочен кон актуелни теми за кои најмногу се шират дезинформации во Македонија. Резултатите од истражувањата ќе бидат пласирани на медиумските онлајн платформи на ИКС, но и на други партнерски медиуми на проектот.

2. Работни задачи

Истражувачите ќе бидат дел од тимот на ИКС кој работи на: спроведување на истражувања, изработка на методолошки пристапи во врска со дезинформации, разговор со стручни лица, анализа на информации од службени гласила и известување, комуникација со јавни институции, анализа на добиени информации со употреба на различни дигитални алатки, складирање, чување и раководење на дата база на информации и сл.

Од избраните кандидати ќе се очекува да учествуваат во следните активности:

  • Спроведување на истражувања за дезинформации, вклучително и анализа и толкување на податоци и идентификување модели и трендови во ширењето на дезинформации.
  • Развој на истражувачки методологии и алатки за проучување на изворите и видовите на дезинформации.
  • Креирање на истражувачки документи (резимеа, документи, и сл.) што ќе произлегуваат од спроведените истражувања.
  • Учество на обуки и работилници кои ги организира ИКС.
  • Редовни тимски состаноци во врска со наодите од истражувањата, планирање идни истражувачки активности и споделување знаење и експертиза.
  • Соработка со други истражувачи и засегнати страни со цел развивање ефективни стратегии за справување со дезинформациите.

3. Критериуми за избор

  • Завршен прв циклус високо образование. Следење или завршени магистерски или докторски студии ќе се сметаат како предност.
  • Разбирање и интерес за работа на истражувачки проекти поврзани со дезинформации.
  • Одлични писмени и усни комуникациски вештини, вклучително и способност да се презентираат наодите од истражувањето пред неакадемска публика.
  • Како предност при селекцијата ќе се земе искуството во спроведување на истражувања со користење на квантитативни и/или квалитативни методи на истражување.

Кандидатите треба да имаат основни компјутерски вештини, познавање за интернет пребарувања, добра работна етика и да се подготвени за тимска работа. Задолжително е познавање на англискиот јазик.

4. Начин на пријавување и селекција

 Заинтересираните кандидати/ки треба да испратат мотивациско писмо и биографија (CV) најдоцна до 03.05.2023 на е-адресата .

Насловот на пораката треба да биде:
Истражувач – Име и презиме (на пример: Истражувач – Дејан Андонов)

Избраните кандидати/ки ќе бидат повикани на разговор.

Лице за контакт:

Дејан Андонов, програмски координатор во ИКС – ; 071 317 661