fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Политичка комуникација без стандарди: Како токсичните наративи ја загрозуваат транспарентноста на институциите

„Заевизам“, „Артаноиден“, „Жмицко“, „Вмроидно“, „Северџански“, „Вазали“, „Пиони“, „Казиноман“ и редица други зборови одекнуваа во предизборието од партиските мегафони. Со цел што повеќе да се навреди политичкиот противник, овие и други јазични иновации брзо се прифаќаа од партиското членство кое ги ширеше на социјалните мрежи и не критички беа пренесувани од медиуми со што се нормализираа во јавниот дикурс. Деветмесечното истражувањето на Институтот за комуникациски студии, Мерење на политички штетни наративи (ШТЕТ-НА), покажа дека политичарите се тие кои најмногу користат токсичен наратив. Најбројна е реториката со која ја поткопуваат довербата во институциите (во 37% од објавите со штетни наративи), пристрасното селектирање податоци (30%), и нападите на лична основа или демонизирањето противници (9%). Истражувањето покажа и дека медиумите, кои исто така беа под лупа на Институтот, некритички и еднострано ги пренесувале отровните наративи, без никаква интервенција. Највисоките амплитуди на штетна реторика се совпаѓаат со периодите на интензивни политички случувања, или како што е во случајот со истражувањето на ИКС – во декември 2023, односно месецот пред формирањето на техничката влада, и во април 2024, месецот кога почна кампањата за претседателските и за парламентарните избори. Истражувањето покажа дека политичката арена и борба за власт се коси со прифатените стандарди за политичка комуникација заснована на докази, вистинитост и толеранција кон различните мислења.

Ваквата реторика на поделеност, поттикнување на скептицизмот, јакнење на популизимот, етноцентризмот, според Жанета Трајкоска, директорката на ИКС,  имаат сериозни последици за демократијата и одлуките на граѓаните

Немањето на јасни правила за политичко рекламирање  на онлајн медиумите беше забелешка и од Мисијата на ОБСЕ-ОДИХР – која исто така ја следеше предизборната политичка реторика и „критичниот тон“.

Тоскичната реторика на политичарите која го загадува медиумскиот простор не е ексклузивитет само за Македонија. И од европска перспектива се потврдува парадоксот дека токму политичарите кои имаат обврска да  креираат средина на слободни медиуми први ја загадуваат информациската сфера и ја ограничуваат работата на новинарите. Ова влијае на степенот на демократија која не може да егзистира без слободни медиуми и ја урива довербата и во институциите и во медиумите. Целта да се стигне до пристојна комуникација а граѓаните да добијат релевантни информации и отчетност од институциите станува уште покомплексна поради технолошките компании кои предност даваат на економскиот, а не на јавниот интерес и недоволната проактивност на граѓаните, пред се на младите кои треба да инсистираат на поголема транспаретност и активно да учествуваат во носењето на одлуките, што пак ја наметнува потребата за цивилна писменост.

Покрај одговорност од политичарите и медиумите, потребна е одговорност и од самите граѓани. Аленка Јелен од Универзитетот во Стирлинг Шкотска повикува на граѓанска проактивност, вклученост во дебати, во грижа за другиот и преиспитување на своите постапки наместо да се имаат големи очекувања од политичарите, кои шират дезинформации, мисинформации и ги прекршуваат дадените ветувања.

 Иако сите принципи на отвореност, отчетност и транспаретност, професионалност, чесност, вистинитост се дел од етичките кодекси на односите со јавноста на секој кој се занимава со јавна дејност, тие се почитуваат само додека не се во колизија со интересите на клиентот.Такви примери се кампањата на Трамп и кампањата која ја водеа застапниците на идејата Обединетото Кралство да ја напушти Унијата – кампањи кои ја постигнаа целта и покрај тоа што прекршуваа неколку правила и изборен закон.

Кога медиумите (не) се вредни за доверба

Токсичниот наратив од политичарите, а кои медиумите го пренесуваат и зајакнуваат, влијаше да се намали довербата во нив. Трендот кој трае веќе цела деценија најприсутен е во земјите со нелиберален систем во Источна, Јужна Европа и САД.

Еден од симптомите на нелибералните медиумски системи, како што се Унгарија, Полска, Чешка и Србија покажа дека нагласената поларизација во овие земји водеше до исчезнување на неутралните медиуми (исклучок е Чешка каде е пониско ниво на поларизација). Доминираат медиумите кои некритички и со изразена поддршка известуваат за актуелната власт. Тие наместо да биде инструмент за демократичност, стануваат алатки за ширење на нелибералните ставови на естаблишментот. Според професорот по комуникација и медиуми  Вацлав Штетка од Универзитетот Лофборо, Обединетото Кралство многу поголем проблем од намалената доверба во медиумите е што медиумите реално повеќе не се вредни за доверба.

Процесот на враќање на медиумите на вистинската нивна мисија, застапување на јавниот интерес ќе трае долго, оценува Штетка. Но кризата со довербата во медиумите реално се чувствува насекаде. Младите се „информираат“ од инфлуенсери и тиктокери, а ТВ емисите се сведоа на ширење насилство и вербален судири. Медиумите станаа неми трансмитери на вести кои немаат информациска вредност да бидат објавени.

Новинарот кој го застапува моделот на конструктивното новинарство Курт Странд од Архус, Данска вели дека најважната задача на новинарите е да се држат до фактите и вистината. „Алтерантивни факти“ не се прифатливи.

Како едно од решенијата за излез од кризата во новинарството и враќање на изгубената доверба, е конструктивното новинарство кое веќе се практицира во скандинавските земји-новинарство кое е критично но истовремено бара и нуди решенија за темата која ја третира. Не поттикнува дебата, туку дијалог за наоѓање решенија. Според Странд досегашното искуство покажува дека ваквиот тип на новинарство е привлечен и прифатлив и за младата публика.

Владината транспаретност – ветувања за отчетност и одговорност да почнат да се применуваат

Различна е перцепцијата за транспарентноста на Владата кај дел од новинарите и кај владините службеници. Додека владината портпаролка, Марија Митева која неодамна ја презеде функцијата ветува дека нема да се креира лажна слика за отчетност, туку транспаретноста ќе биде суштинска, искуството на новинарката Фросина Димеска од Призма не е многу позитивно. Според Димеска, новата Влада прекинала одредени добри пракси на транспарентно работење – повеќе не се објавува дневниот ред на владините седници, нема стенограми по нивното завршување, во одредени случаи  со месеци се чека за одговор на прашање, а понекогаш наместо одговори се испраќаат образложенија зошто е одбиено барањето од јавен интерес. Поради ова, новинарите стануваат огласни табли на партиски соопштенија, а политичарите ги диктираат темите.

Премиерот вели дека транспаретноста не е еднонасочен процес, и оценува дека новата Влада веќе понудила нов начин на функционирање и во делот на отвореноста.

И портпаролката на Владата Митева  најавува промени во досегашниот стил на работење на претходната владата кога граѓаните беа исклучени од процесот на носење на  важни политички одлуки,  а наместо финансиска отвореност се практицираше склучување на договори во четири очи. Ваквиот стил на владеење влијаеше да се намали довербата во институциите и во системот. Од ЗНМ инсистираат  на одговорно и професионално новинарство, но потенцираат дека тоа зависи од амбиентот кој го креираат носителите на власта..

Во ерата на пост-вистина најголема жртва е довербата – кон инстититуциите, медиумите, кон политичарите. Сите тие треба отворено, одговорно и професионално да работат за  транспаретноста и отчетноста да не останат неразбирливи бирократски зборови на хартија и за да се постигне поголема информираност и вклученост на граѓаните во одлуките што ги засегаат.  Даниел Филер, вршител на должност во Британската амбасада во Скопје, ја потенцираше важноста од отворен политички дијалог меѓу Владата, медиумите, граѓанското општество и јавноста. Во овој контекст тој ја нагласува потребата од слободни и независни медиуми кои ќе објавуваат кредибилни и проверливи информации, а односот на политичарите кон нив ќе биде со доверба и почит.

Конференцијата „Одговорни институции преку зголемена транспарентност и политичка комуникација“, ИКС ја организира трета година по ред со цел да се поттикне дебата за важноста на институционалната транспарентност, како дел од  проектот „Користи факти“, поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Новинарка: Соња Петрушевска

Сниматели: Иван Поповиќ, Љубомир Домазетов

Монтажер: Ристо Душковски