
Отворен повик за развој, UX и UI дизајн на веб-платформа на ИКС
Институтот за комуникациски студии (ИКС) има потреба да ангажира фирма или тим од соработници за веб-развој, UX и UI редизајн на веб-страницата medium.edu.mk. Оваа активност е предвидена во проектот „Користи факти“, финансиран од Британската амбасада во Скопје.
За проектот
Проектот „Користи факти“ треба да ја зајакне отпорноста кон дезинформациите на широката јавност и ранливите групи во Македонија. Тој цели да создаде длабински анализи, истражувачки стории, едукативни содржини и да понуди ресурси кои ќе ги мотивираат граѓаните поангажирано да дејствуваат во општествените случувања и ќе ја зголемат транспарентноста на институциите, со што ќе се намали просторот за ширење дезинформации.
Крајната цел на проектот е да се сензибилизираат граѓаните кон препознавање на структурата и содржината на дезинформациите, да се имунизираат против нивно ширење и да се изврши влијание врз властите за зголемена транспарентност во работењето и во процесите на носење одлуки за јавни политики.
За веб-страницата
Медиум првично започна како печатено издание на средношколски весник во кое средношколците се информираа, создаваа медиумски содржини, но и учеа за медиумската писменост. Во периодот од 2011, кога прв пат е објавено печатеното издание, до денеска, Медиум прерасна во онлајн платформа која имаше за цел промовирање на медиумската писменост меѓу младите и им овозможуваше стекнување на различни вештини, со фокус на создавање на медиумски содржини.
Целта на Медиум во наредниот период е да се преобрази во веб-страница на која ќе може да се најдат содржини за сите возрасни групи, поделени во четири тематски групи (а) дигитална писменост; (б) медиумска писменост и анализа на ефектот од медиумските содржини врз читателите; (в) едукативни содржини за создавање на медиумски содржини и создадени медиумски содржини од млади новинари; и (г) активни повици за промоција на медиумската писменост и граѓански активизам.
Опсег на работа
Со цел да се одговори на потребата за развој на Медиум во наредниот период, ИКС има потреба од:
- развој на WordPress темплејт за веб-страницата на Медиум, со категоризација и мени предложено од ИКС, а утврдено заеднички со фирмата/тимот кој ќе биде одбран;
- да се направи истражување на корисничко искуство (UX), со цел изградба на корисничкиот интерфејс и функционалностите на веб-страната;
- развој на кориснички интерфејс (UI) кој ќе одговара на современите дизајнерски текови;
- тестирање на веб-страницата за времетраење на нејзиниот развој со фокусни групи од две возрасни групи – средношколци и граѓани над 50 години.
Рок за завршување на сите активности е 20-ти ноември 2022 година.
Рок и начин на аплицирање
Заинтересираните фирми или тим на надворешни соработници треба да аплицираат со поднесок до 29-ти септември 2022 година, на и , со предмет „Апликација за развој на веб-страницата Медиум“.
Поднесокот треба да содржи:
- портфолио на фирмата, вклучувајќи и изработени проекти (во случај на тим од соработници, CV за секого и портфолио од изработени проекти);
- временска рамка за предвидените активности;
- предлог-буџет.
Постапка за избор
Изборот на фирма или тим од соработници ќе се изврши во две фази. Првата фаза предвидува прелиминарна селекција на фирми/соработници. Во втората фаза, одбраните фирми/соработници ќе бидат поканети на директни разговори пред да се изврши финалниот избор.
Контакт информации
За дополнителни информации, можете да испратите е-пошта на – Дарко Малиновски, проектен менаџер и – Стефан Стојановски, ИТ менаџер.