
Одржана работилница за подобро родово известување во Македонија
Медиумите во Македонија треба подобро да ја вршат својата улога на чувари на јавниот интерес, да известуваат објективно и непристрасно, особено кога се работи за родови прашања и заштита на правата на маргинализираните заедници.
Ова беше еден од заклучоците на работилницата „Како до подобро родово известување на медиумите во Македонија“ која се одржа на 20 април 2022 година во организација на ИКС, преку платформата Zoom.
На работилницата учествуваа Марина Тунева, медиумски експерт и поранешен извршен директор на Советот за етика во медиумите во Македонија, Огнен Јанески, ТВ личност и медиумски експерт и Елена Гаговска, новинарка и истражувач во област на човековите права. Модератор на работилницата беше Ана Зафирова, искусен новинар и активист за заштита на човекови права.
Како главни случаи во текот на работилницата, каде што медиумите известувале непрофесионално, говорниците ги посочија случаите „Јавна соба“ каде што често медиумите (особено онлајн медиумите) придонесувале кон наративите на омраза насочени кон личностите чии права биле нарушени од страна на сторителите и креатори на групата „Јавна соба“ на социјалните мрежи, при што споделуваа (разголени) фотографии од малолетни девојки без нивна согласност.
Учесниците се согласија дека граѓанските организации и новинарите треба да соработуваат и да разменуваат искуства и знаење во ваквите ситуации за да се придонесе кон попрофесионалното известување кога се работи за заштита на родовите права и правата на припадниците на маргинализирани заедници.
Работилницата беше организирана во рамки на проектот „Мрежа за разновидност 2.0“ со финансиска поддршка од Европската Унија, Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов Фонд на САД и Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград.