
Новинари учеа нови техники за истражување на еколошки теми
Како од сурови податоци да се создадат влијателни приказни што ќе ја подигнат свеста за горливите еколошки проблеми. На оваа тема, група од 18 новинари од различни медиуми ги усовршуваа своите истражувачки вештини на работилницата „Од податоци до влијание: Техники и алатки на новинарството за заштита на животната средина“, што се одржа на 24 јануари во Скопје. Обуката ја водеше Агнес Бриџ Волтон, добитничка на престижната Еми награда и новинарка специјализирана за известување за животната средина.
Учесниците се запознаа со техниките на истражувачкото новинарство за животната средина, при што тимски идентификуваа еколошка приказна како студија на случај на која работеа. Тие учеа да изработуваат мапи на засегнати страни и извори, како да собираат и анализираат еколошки податоци користејќи современи алатки и како да ги препознаат разликите помеѓу вистинскиот напредок и манипулативните тактики познати како „екоманипулација“ (greenwashing). Работилницата заврши со сесија за визуелизација и претставување на еколошки стории, на која новинарите работеа на техники на раскажување и планираа како да создадат моќни аудио-визуелни материјали што ќе го задржат вниманието на јавноста.
Институтот за комуникациски студии ја организираше работилницата во рамки на проектот „Користи факти“, што е поддржан од Британската амбасада во Скопје.