Новинари од јавните медиумски сервиси ја истражуваа улогата на вештачката интелигенција во борбата против дезинформациите
Интеграција на вештачката интелигенција (ВИ) во секојдневната проверка на факти во редакциите беше областа за која се усовршија 19 новинари и медиумски професионалци на работилницата „Проверка на содржината и употребата на ВИ од јавните медиумски сервиси“, што Институтот за комуникациски студии (ИКС) ја спроведе на 24 и 25 септември во Скопје.
Учесниците се стекнаа со практични совети за идентификација на дезинформации и со вештини за распознавање на фактите од креираните фикции во денешното медиумско опкружување. Преку практични примери, тие беа запознаени со видео измами (deep fake), гласовно клонирање и манипулирани фотографии. Користејќи алатки за ВИ, истражуваа како лажните информации може да се шират низ дигиталните платформи и од истакнати политичари и други извори, при што беа нагласени предизвиците со кои се соочуваат новинарите во справувањето со дезинформации особено за време на вонредни вести. Во сесиите се дискутираше за минати кампањи за дезинформирање при големи инциденти и несреќи и за предизвиците со кои се соочуваат медиумите во ударните вести за ваквите настани.
На работилницата беше потенциран и потенцијалот на ВИ како пријателска и корисна алатка за производство на содржини во јавните медиумски сервиси и етичките импликации на ВИ во креирањето, собирањето и дистрибуцијата на содржини. Новинарите беа охрабрени да ја интегрираат вештачката интелигенција во нивната секојдневна работа.
Работилницата беше спроведена од Теодор Марјановиќ, новинар во Меѓународната информативна редакција на Чешка Телевизија и Олдрих Борувка, раководител на Одделот за социјални медиуми во Чешка Телевизија, кои го пренесоа и искуството на дневната употреба на ВИ во чешкиот јавен сервис и неговите силни процеси за проверка на факти низ различни оддели.
ИКС ја спроведе работилницата во рамки на проектот „Користи факти“, што е поддржан од Британската амбасада во Скопје.