fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Новинари од Балканот ги откриваа тајните на истражувачкото известување во Скопје

Повеќе од 30 новинари и студенти од Македонија и Западен Балкан учествуваа на трите регионални новинарски работилници „Откриј ги тајните на истражувачкото известување“, кои од 12 до 14 ноември се одржаа во Скопје.

Во текот на трите дена, учесниците преку интерактивните работилници ги усовршија клучните вештини за истражување и анализа.  Првиот ден беше посветен на тајните извори, каде учесниците научија како да идентификуваат и регрутираат извори, да градат доверба и да го заштитат нивниот идентитет. Преку различни примери и техники беа демонстрирани најдобрите практики за ангажирање на извори без да се компромитира истрагата. Вториот ден фокусот беше на истражувањето на луѓе, компании и средства. Учесниците се запознаа со основите на разузнавачките информации од отворени извори (OSINT), анализа на финансиски податоци и следење на движењето на средства, со што се опремија за понапредни истраги. Третата работилница се осврна на планирањето и организацијата на истражувачки проекти. Темите вклучуваа користење трговски податоци за увоз и извоз, следење на движења на авиони и бродови, како и техники за архивирање и управување со големи истражувачки материјали.

Обуките беа наменети за новинари и студенти по новинарство, со цел да ги зајакне нивните вештини за истражувачко известување. Учесниците научија нови алатки и техники за спроведување на темелни истражувања и проверка на факти, потребни при изработка на длабински приказни што откриваат скриени вистини според стандардите на новинарската професија. На тој начин, работилниците придонесуваат и за развој на квалитетно новинарство како моќна алатка за борба против дезинформациите.

На обуките учествуваа учесници од 5 држави – Македонија, Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, што помогна за нивно професионално вмрежување. Обучувачи беа искусните истражувачки новинари Аксел Хумлехе, истражувачки новинар во шведскиот јавен радиодифузен сервис СВТ и добитник на наградата за истражувачко новинарство „Еми“, Алина Цогоева, специјалистка за глобално следење на средства и луѓе од Проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP), и Давид Илиески, експерт за истражување корупција и криминал исто така од OCCRP.

Институтот за комуникациски студии (ИКС) ја спроведе обуката во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје.