За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Нови насоки за употреба на вештачка интелигенција во новинарското образование

Европската асоцијација за новинарски обуки (EJTA) го објави првиот сет препораки за употреба на вештачка интелигенција во новинарското образование, а Институтот за комуникациски студии (ИКС), како член на асоцијацијата зеде активно учество во нивната изработка.

За изготвување на овој сет препораки вклучени се околу 20-сет признаени европски новинарски школи со цел да се постават образовни рамки околу правилно, одговорно, транспарентно и етичко употребување на алатките со вештачка интелигенција во формалното образование.

Мерките и насоките се со цел да ги мотивираат наставниците, професорите, но и студентите да го насочат своето внимание кон критичко размислување и разумно користење на ВИ – алатките и градењето систем на транспарентност и отвореност при нивно користење во образовниот систем. Асоцијацијата не препорачува казнување или сведување на употребата на ВИ на исто ниво како академска измама или плагијат, туку давање отворен простор за дискусија и дебата за начините и манирите на кои ВИ – алатките може да се употребуваат во наставата.

Вештачката интелигенција со сите свои предности и маани е тука и ќе остане во иднината и особено е важно да се изградат јасни и децидни правила на игра. Но, исто така, важно е да се посвети внимание, време и ресурси кон создавање начини со кои употребата на ВИ ќе го унапреди или ќе го олесни образованието. Главната порака на овие сет препораки е дека мора да ги подготвуваме идните новинари за новата медиумска реалност.

Повеќе за мерките може да прочитате на официјалната објава на ЕЈТА https://ejta.eu/index.php/2025/06/26/ejta-publishes-recommendations-for-integrating-ai-in-journalism-teaching/