Нилс Хансон: Размислете како профитира од системот корумпирана личност
Во ерата на дезинформации истражувачкото известување дава уште поголемо значење и вредност на модерното новинарство. Во современите демократии, тоа е клучно за остварувањето на улогата на медиумите да бидат чувари на јавноста и заштитници на човековите права. А кога новинарите откриваат злоупотреби на власта и на моќта на поединци придонесуваат и за одговорно и отчетно владеење.
Нилс Хансон има направено околу 500 новинарски истраги во неговото 30-годишно искуство како истражувачки новинар и поранешен главен уредник на емисијата „Мисија Истражување“ на Шведскиот јавен радиодифузер. Тој беше еден од 20-тината врвни светски истражувачки новинари кои понудија нови теми и методи за истражување – од криминал и корупција до климатски промени и животна средина, на Летната школа за истражувачко известување што се одржа во Рига, Летонија минатиот месец, а на која присуствуваа и група новинари од Македонија.
Хансон вели дека „материјал” за истражување има насекаде, само проблемот лежи во неговото препознавање. Според него, постојат повеќе начини да се забележи приказна што вреди да се истражува.
„Ако немате идеи, можете да размислувате на овој начин: Како би можел да профитирам од системот ако сум корумпирана личност? Ако таа можност постои (и ја има насекаде), некој секогаш ќе го прави тоа. Размислете за различни можности. Потоа проверете ги!“, ни изјави Хансон.
Тој вели дека најзначјната промена ја има донесено техничкиот развој од ексел до вештачка интелигенција, што овозможи да се истражуваат навистина сложени теми и да се анализираат илјадници документи.
„Сега можеме да се соочиме со предизвици кои беа незамисливи пред 30-40 години. Друга важна работа се прекуграничните соработки, кои го прават истражувачкото новинарство уште помоќно. Се надеваме дека во иднина ќе видиме и повеќе истражувачки новинари кои се фокусираат на климатската криза”, посочува Хансон.
Тој има добиено бројни меѓународни награди за неговата истражувачка работа. Советува да се бараат соработници во други медиуми и да им се дозволи и на другите редакции бесплатно да ги објават вашите материјали. Тие не треба да кажат ,,не” на навистина добра приказна. Контактирајте со политичари, активисти и други кои би можеле да реагираат. Максимално искористете ги социјалните мрежи, препорачува Хансон.
„Важно е да се почитуваат воспоставени правила и стандарди, но како истражувачки новинари понекогаш треба да користите контроверзни методи. Сепак, за да го направите тоа, потребна ви е поддршка од јавноста. Затоа погрижете се вашите приказни да бидат точни и праведни. И не заборавајте да ги информирате наведените лица за содржината на вашата истрага. Треба да се одговори на сите обвинувања“, продолжува Хансон.
Неговиот прирачник за истражувачко новинарство стана класика во Шведска. Според него, новинарите треба да градат фер и партнерски односи со изворите со чија помош ќе прават приказни кои се точни, правични и влијателни, а тоа ќе им донесе и почит од граѓаните. Вели дека честопати треба да се започне изворна врска со ветување анонимност и дека кредибилитетот се гради со покажување транспарентност – изворот да се вклучи и известува за напредокот во истражувањето, да се информира за фактите што сакате да ги објавите и да се разговара за тоа како може да се користат информациите добиени од него.
Редакциите треба да разберат дека истражувачкото новинарство води до ексклузивни вести за кои јавноста сака, има потреба и е подготвена да плати. Медиумите во многу земји го сфатија тоа, порачува Хансон.
Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Авторки: Мирјана Мирчевска Јовановиќ, Сунчица Николовска, Пелагија Младеновска