Ни треба современо медиумско образование за да се справиме со информацискиот неред
Презаситеноста од информации предизвикува збрка, информацискиот хаос ги голта релевантните информации, а во маглата не се гледаат ниту вистинските прашања ниту вистинските одговори. Резултатот на таквата замаглена реалност се псевдо информирани граѓани, подложни на манипулација.
Во вакви бурни времиња на дигитални промени, информациска експлозија, технолошка револуција и радикална трансформација на реалноста предизвикана од социјалните мрежи, медиумската писменост, станува животна вештина. Таа, како дел од формалниот образовен процес, мора да најде формула за брзo да се адаптира на промените, бидејќи начините на комуникација денеска, може да се застарени веќе утре.
Брзото прифаќање на промените не е лесно, но од тоа зависи дали ќе се постигне целта за едукација на активни млади луѓе кои критички ќе размислуваат и ќе се ангажираат, наместо да бидат само пасивни консументи. Важноста и придобивките од овој процес се многуслојни – демократизација на општеството преку изучување на медиумската писменост од најрана возраст и обучување на млади генерации кои ќе бидат носителите на промените за похумано и повеќе солидарно општество.
Ова се дел од поентите кои ги истакнаа говорниците на меѓународниот симпозиум „Да си го вратиме просторот за дигитални информации“ што го организираше Институтот за комуникациски студии.
Во информацискиот хаос, може секој да се вклучи – секој има вулкан на мислење кој може да еруптира посебно во време на криза и на социјалните мрежи, вели Ирене Андриопулу, заменик генерален секретар на Меѓународниот управен комитет на Алијансата за медиумска и информациска писменост на УНЕСКО, но низ тој хаос и магла можат да се движат само луѓе кои критички размислуваат и умеат да ги препознаат ризиците, бидејќи предизвиканата штета од дезинформациите може да биде енормна.
Професорот Џеф Шер од Факултетот за образование и информациски студии на Универзитетот во Калифорнија (UCLA), објаснува дека преку медиумската писменоста се образуваат млади луѓе кои стануваат ангажирани. „Важно е да поставуваат прашања. Затоа што не живееме во перфектен свет, живееме во свет со многу проблеми – расизам, хомофобија, социјална нееднаквост и ако не поставуваме прашања, проблемите ќе останат. Треба да прашуваат: кој создава расизам, хомофобија, како медиумите функционираат, кој ги создава содржините, но да научат и самите да создаваат медиумски содржини и да креираат со емпатија“– вели Шер.
Во процесот на оформување на млади кои критички ќе размислуваат и ќе се снаоѓаат во дигиталниот свет преку медиумската писменост, Андриопулу освен потребата од следење на дигиталните промени ја нагласува и улогата и на обучувачите и на возрасните кои треба да ја прифатат дигитализацијата како свој дом наместо во тој свет да се чувствуваат како туѓинци.
Технолошките промени пребрзи за училишното темпо
Со слични предизвици во однос на прифаќањето на дигиталните промени во образовниот процес и медиумската писменост се соочуваат сите земји од Западниот Балкан. Расчекорот меѓу брзиот развој на технологијата и бавното модифицирање на програмите во образованието што е многу сложен процес, може да ја успори едукацијата на генерации млади кои ќе имаат критички компетенции и познавања за создавање на медиумски содржини.
Пристапот во традиционалните училишта треба да се промени, не одеднаш, туку тоа треба да биде процес – вели Божена Јелушиќ, една од иницијаторките за воведување на медиумската писменост во Црна Гора.
,,Медиумската писменост значи да се анализира, евалуира и да се креира медиумска содржина на критички начин со дигитални алатки и вештини. Ова не значи замена на учењето туку усовршување на учењето, преку нови педагошки методи – игра, дебата, симулација, репрезентација, преговарање и користење на технолошките уреди како интерактивни табли, гејмификација, таблети, апликации за едукации“ објаснува Јелушиќ.
Но, додека светот се менуваше, а младите ги следеа дигиталните трансформации и растеа со нив, наставниците и нивните родители се чини дека остана изолирани од динамиката на промени.
Во Хрватска дури 60% од наставниците рекле дека немаат доволно знаење да предаваат медиумска писменост, а две третини од родителите дека нивните деца знаат подобро да пребаруваат на Интернет, споредено со нив.
Клаус Даман, програмски директор за Западен Балкан Дојче Веле, ја пренесува сликата за сите земји во регионот и заклучува дека во овој процес мора да се вклучи целото општество за да има резултати. А сѐ почнува од моментот кога ќе излезете со детето и нема да му го ставите телефонот в раце.
Медиумската писменост е дел и од високото образование
Дигиталните мрежи на комуникации се преoптоварени. Секоја минута на глобално ниво се испраќаат по 188 милиони мејлови, 18 милиони пораки, има над 3,8 милиони гугл пребарувања, над 87 000 твитови, вели Дамасо Рејес од американскиот национален проект Писменост за вести (News Literacy Project), повикувајќи се на податоци од маркетинг агенцијата Лори Луис. За дигиталниот пејзаж во Македонија илустративни се податоците на Државниот завод за статистика: во 2022 – 86,6% од домаќинствата имале пристап на Интернет, а во првото тримесечје лани од вкупното население на возраст од 15 до 74 години, интернет користеле 88.3 %, а 73.9 % го користеле неколку пати во текот на денот.
Достапноста до широк број на информации во различна форма која лесно се консумира е меѓу бенефициите од дигитализацијата, но како и секоја технологија, и тука има ризик за злоупотреба вели Иван Чорбев, професор на Факултетот за компјутерски науки и инжинерство. Затоа најдобра заштита е образование за логично размислување кое од годинава се применува и во високото образование.
Јутјубери, инфлуенсери и роботи на часови по медиумска писменост
Новиот и дигитален пристап на обука кон кој тежнее формалното образование е веќе реалност во неформалното образование. Инклузивниот пристап на Академијата за новинарство и медиуми Дојче веле, која во учењето за медиумската писменост вклучи јутјубери и инфлуенсери поттикна сериозна дебата за говорот на омраза, сајбер булингот но и ги едуцира возрасните за дигитална комуникација и вештини.
Впечатливи се и резултатите кај децата по обуката во истражувачкиот центар Скампер. Тамара Димова е млад научник, која се обидува преку неформалното образование да поттикне вештини кај децата кои подоцна ќе им помогнат во надминување на предизвиците со кои ќе се соочат. Преку роботиката, децата стекнуваат вештини за критичко размислување, решавање на проблеми и медиумска писменост.
Идеален модел на медиумска писменост не постои, но таа треба да биде респонзивна на промените во технологијата и да одговора на дигиталните предизвици. За младите на кои е фокусирана, важно е да ги обучи тие да не бидат само примачи на информациите кои им ги нуди алгоритмот, туку активни кретори и учесници. Освен вештини за ефикасно да навигираат во растечкиот информациски неред, медиумската писменост треба да им даде и основа на младите за критичко размислување –да го идентификуваат она што е важно за нив, а истовремено да добијат гласност и поддршка и тие самите да креираат содржини за нивни интереси и теми. Само така ќе се создаде амбиент во која секоја индивидуа ќе го оствари својот потенцијал дома наместо надвор.
Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС го организираа меѓународниот симпозиум „Да си го вратиме просторот за дигитални информации“ како дел од проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.