За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Недостатокот на работна сила отвора простор за пензионерите

Македонија старее, а рaботници има сѐ помалку. Според ЕУРОСТАТ, во 2022 година, населението постаро од 65 години изнесува 17,1 %, додека пред 10 години, 11,8 % од населението било над 65 години. Податоците на Државниот завод за статистика, пак, покажуваат дека од 2013 до 2022 година од земјава се иселиле 7 861 луѓе, од кои 719 се високообразовани кадри. Може ли активирање на пензионерите да биде решение за одредени гранки на кои им се заканува колапс?

Пензионери сакаат да работат, но немаат можности

Пензионерката Виолета Ефтимова од Скопје иако има 66 години, сѐ уште се смета за работоспособна и има волја да продолжи да работи. Во еден период од животот и самата водела семеен ресторан со готвени јадења, но била принуден да го затвори затоа што и покрај побарувачката, не можела да најде работници. Виолета не ја држи место. Од неодамна се приклучила на активот на пензионерки на Општина Центар. Вели дека таму се дружат, често патуваат, работат хуманитарно, но најголема преокупација ѝ е чувањето на внуци.

„Кога се пензионирав, се плашев како ќе поминувам по цели денови дома, но верувајте немам време. Се чувствувам многу моќно и храбро. Мислам дека би можела сѐ уште да работам, па и овие обврски што ги имам да си ги носам со себе. Имам многу пријателки пензионерки кои можеме и сакаме да работиме. Имаме скромни пензии кои стасуваат за месецот, меѓутоа кога би можеле да најдеме соодветна  работа, би можеле да ја работиме, како на пример, шалтерски работници, продавачи во продавници и бутици и ред други работи. Не се за нас само чување на деца. Сакаме да работиме, меѓутоа нема услови и понуда. Може само личниот доход да се плаќа со договор на дело и сето тоа да биде легално. Не сакаме на наши години да бидеме криминалци – да одиме некаде да работиме и да се криеме од инспекција“, вели Виолета.

Македонија се соочува со огромен број на млади пензионери кои се повлекуваат од работниот процес поради бенефициран стаж. Полицајците, инспекторите и пожарникарите често заминуваат во пензија на возраст од 50 години. Сепак, иако официјално се пензионери, многумина од нив продолжуваат да работат на црно, претежно како доставувачи, курири или возачи на камиони и автобуси, бидејќи сè уште се чувствуваат продуктивни и способни за работа.

Минатиот труд и искуството на пензионерите, Виолета вели дека може да биде од сериозна општествена корист. Ќе си помогнат финансиски, ќе се чувствуваат покорисни, а ќе придонесат и за решавање на моменталниот проблем.

Недостаток на работоспособно население во Македонија

Работоспособно население во државата има сѐ помалку заради намалувањето на наталитетот, иселувањето на младите луѓе, неатрактивните работни места за младите луѓе и сиромашната економија во државата, посочува Владанка Трајковска од Организацијата на работодавачи. Таа вели дека нема дејност каде што не е критично – работна сила недостасува секаде, а иако проблемот е од порано, решение тешко се наоѓа.

 „Трудоинтензивните дејности први ги покажаа аномалиите во овој дел, односно недостатокот и неатрактивноста на тие работни места. Меѓутоа, веќе во сите дејности има недостаток на работоспособно население, дури и во оние кои беа многу атрактивни, како банкарскиот сектор, научните дејности. Сѐ почесто зборуваат дека имаат недостаток на кадар“, објаснува Трајковска.

Работодавачите решението го гледаат во повторно ангажирање на возрасните, пензионираните луѓе со ангажирање по договор на дело.

„Не сме држава која е атрактивна за вработување на странци од далечните земји. Голем број на компании во државата се обидоа да го направат тоа, меѓутоа и кога сакаме да им овозможиме пристојни услови за работење, сиромаштијата, несигурноста и малата ангажираност во продуктивноста нè прави неатрактивни и тие луѓе сметаат дека со нивниот труд ќе можат многу повеќе да заработат во западноевропските земји“, вели Трајковска.

Искуствата од Хрватска, каде што исто така има недостаток од работници, покажува дека откако пред неколку години биле олеснети условите за работа на пензионерите, сè повеќе луѓе ја користат можноста да ги дополнат пензиите со работа. Ваквата мерка е атрактивна и за македонските пензионери, па така луѓе во поодминати години одат на сезонска работа во Хрватска. Станува збор за луѓе кои се пред пензија – и мажи и жени, кои се во добра кондиција и сакаат да работат. Трајковска вели дека затоа не гледа причина зошто не би донеле ваква можност и кај нас.

„Мора да бидеме свесни дека во наредниот период нема од што да се полни пензискиот систем, ќе биде сѐ потешко. Младите луѓе заминуваат, па наместо да се полни од придонесите, ќе се надополнува од ДДВ, данокот на добивка, персоналниот данок.. кои имаат друга намена во државата. Од таа причина луѓето ќе земаат сѐ помали пензии и ќе мора да наоѓаат алтернативен начин за надополнување на своите финансиски средства. Така што, овие начини на дополнителна заработка се многу во ред кога луѓето се работоспособни и кога сакаат. Меѓутоа, од таа причина и ние зборуваме дека треба да влезат пензионираните лица во некаков систем, барем да се плаќа персонален данок, да бидат регистрирани, да бидат официјализирани и сето тоа да се слева повторно во буџетот на државата“, смета Трајковска.

Според неа, и Владата и синдикатите, кои во минатото биле против ваквата неатрактивна мерка со која на сметка на младите луѓе треба да бидат ангажирани возрасните луѓе, сега се свесни за сериозноста на проблемот и размислуваат сериозно за ваквото решение. Таа вели дека возрасните луѓе можеби нема да бидат многу продуктивни, меѓутоа ќе придонесуваат онолку колку што се работоспособни.

Повеќето баратели на работа се без или со основно образование

Според податоците на Државниот завод за статистика, од 2021 до 2024 година пад на работна сила има во земјоделството, градежништвото, индустријата и услужните дејности. Помалку работници се забележуваат и во здравството, јавната управа, администрацијата и енергетиката.

Но и во вакви услови, на списокот на Агенцијата за вработување сѐ уште има луѓе кои чекаат да бидат вработени. Во август оваа година, евидентирани се вкупно 99 142 невработени луѓе кои се активни баратели на работа.

„Во однос на образовната структура, забележливо е дека таа е доста неповолна бидејќи 61 % од сите невработени луѓе, активни баратели на работа се без или со завршено основно образование. Тоа значи дека најголем дел од нив немаат никакво занимање, што ги прави многу тешко вработливи и претставува проблем да се вклучат во одредени активни програми и мерки за вработување. Од евидентираните баратели на работи, 31,7 % се лица со средно образование и 7,6 % се лица со вишо или високо образование. Лицата со средно образование, во согласност со потребите на пазарот на труд, се најбарани и тие во најголем обем можат да бидат вклучени во активните програми и мерки за вработување, што значи да бидат и најлесно вработливи. И лицата со високо образование во однос на нивниот профил и образовна структура секако дека ги ставаме во рангот на полесно вработливи лица“, објаснува Виолета Стојановиќ од Агенцијата за вработување.

Државен секретар во Министерство за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу вели дека се загрижувачки бројките од Државниот завод за статистика според кои 52,3 % од нашето население не се активни баратели, односно не се искористени на пазарот на трудот.

„Во 2023 година, од 103 000 невработени лица кои се евидентирани во Агенцијата за вработување, 35 000 се млади од 20 до 29 години. Министерството, во соработка со Агенцијата за вработување и Министерството за економија и труд, работи на изработка на новиот оперативен план со кој ќе се предвиди примателите на гарантирана минимална помош и другите ранливи категории да се вклучат на пазарот на трудот. Имаме проекции и идеи за нивно вклучување на пазарот на трудот, а особено вклучување на младите лица, членови на овие семејства преку обуки за ИТ вештини, за дефицитарни професии итн.“, вели Сабриу.

Aктивирањето на пензионерите за професии во кои има недостаток на работна сила е пракса во многу европски земји. Евентуалното носење на ваквата мерка и во Македонија би значело стабилизирање на пазарот на трудот, но и создавање на активни работници што би ја подобриле економската слика и развојот на земјата.

Оваа содржина е изработена од Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Топалова

Снимател:Слаѓан Милошевски

Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска