fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Национализам – едноставен рецепт за создавање поделби во општеството

Убаво е да се биде патриот, да се сакаат сопствената земја и народ, да се почитува и негува сопствената култура. Патриотизмот означува позитивно чувство кон „татковината“, или, на латински „patria“, од страна на поединци или групи. Се демонстрира гордост за достигнувањата и културата, за оние работи кои ги поврзуваат припадниците на една нацијата.

Патриотизам и национализам не е исто

Низ годините, патриотизмот и национализмот се користеле на приближно ист начин. Сепак, треба да се прави разлика помеѓу двата термина. Патриотизмот има попозитивна конотација, кај национализмот најчесто конотацијата е негативна. Зошто е тоа така? Зашто национализмот се користи за политички идеологии и движења кои лесно можат да прераснат во извор на омраза и на аверзија. Национализмот ја одразува идејата дека на одредена нација треба да ѝ се даде приоритет, надмоќ и супериорност, па се користи синтаксата „ние сме најдобрите“. Честопати, ова создаваа нетрпеливост кон странците. Историјата не учи дека национализмот може да се поврзе со фашизмот, кога се глорифицира големината и силата на сопствената нација, притоа, непочитувајќи ги интересите на другите народи. Фашистичкиот режим го поврза национализмот со супериорноста, кога светот се увери дека екстремниот патриотизам и национализам можат да предизвикаат презир, омраза и непријателство и да доведат дури и до злосторства против човештвото.

Инвазијата врз Украина ја потврди тешката реалност

За жал, за ова и не треба да одиме да подлабоко во историјата. Доволно е да ја погледнеме бруталната руска инвазија врз Украина, со којашто најдиректно беше прекршен суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата. Западот оцени дека целта на Москва е да го избрише идентитетот на Украина како независна и суверена нација. Секојдневно сведочиме на тажната реалност како стотици и стотици луѓе ги губат животите, со материјалната штета што се брои во многу милијарди долари. Доброто на нацијата не може да ги оправда сите средства, во спротивно, таквиот пристап овозможува фанатична и брутална нетолеранција кон другите нации. Фашизмот, шовинизмот и ксенофобијата се опасни – запаливата реторика доведува до агресивна надворешна политика што го загрозува светскиот поредок. Но, ваквата реторика се користи и внатре, во најразвиените демократии и претставува закана за демократијата.

Поделби, антагонизам, немири, судири

Гледаме како екстремната десница промовира негативни националистички ставови и омраза кон различните, креира поделба на добри и лоши, што води кон немири, судири, насилство, агресија, кон очигледна дискриминација на малцинствата. Како политичките актери се користат со екстремен национализам и патриотизам за остварување на целта? Едноставно – прво, со овој штетен наратив се креира чувство на супериорност на сопствената нација над другите, па се создава заеднички непријател, па се прави поделба на „ние“ и „тие“. На тој начин се прави поделба на општеството, па, се преминува кон дискредитација на опонентот и прикажување на другите како заеднички непријател против којшто треба да се бориме. Како да го препознаваме овој наратив? Иако не е лесно, сепак, има неколку елементи кои се повторуваат. Се употребуваат зборови и реченици со кои сопствената етничка припадност се става над сите други кои се помалку важни и вредни, се промовираат сопствените идеологии како нешто што единствено се во корист на народот, а противникот се критикува дека им служи само на одредена мала елитна група луѓе, која не ја одразува волјата на народот.

За повеќе, проверете го истражувањето ШТЕТНА за штетните наративи.