Мобилни телефони во наставата можат да бидат и решение за подобро учење
Дали мобилните телефони се вишок во училиштата? Скопските општини Центар и Аеродром дадоа препораки за забрана за користење на мобилните телефони за време на наставата. Велат дека целта е зголемување на безбедноста на учениците и подобрување на образовниот процес. Дали ова ќе важи и за останатите основни училишта во државата? Од Министерството за образование и наука велат дека локалните самоуправи ја носат одлуката, но дека неупотребата на овие уреди може да биде добро решение и ќе направат анализа дали ова дава резултати. Министерството за дигитална трансформација има изработено и упатство за предизвиците со кои се соочуваат учениците на социјалните мрежи. Од Агенцијата за аудио и аудиовизулени уметности (АВМУ) велат дека тие имаат законско право да ја промовираат медиумската писменост, во која спаѓа и употребата на мобилните телефони во наставата. Оттаму велат дека кога децата размислуваат критички, стануваат помалку подложни на дезинформации. На истиот став се и наставници и професори кои се обучении за едукатори за медиумска писменост.
Различни пракси со користењето на мобилните во училиштата
Дел од основните училиштата во Скопје почнуваат да воспоставуваат правила за користење на мобилните телефони за време на наставата. Целта е, како што велат од таму, да се создаде средина во која учениците ќе се фокусираат на знаењето и критичкото рамислување. Во средните училишта, пак, има друга слика. Мобилните се ставаат во функција на учењето. Се користат како за извор за истражување и дополнителна едукација надвор од стандардните учебници.
Општина Центар даде препорака да не се користат мобилни телефони за време на наставата. Во основното училиште „11-ти Октомври”, учениците ги оставаат мобилните телефони во посебно шкафче кога ќе дојдат во училиште, а ги земаат по завршувањето на часовите. Без мобилен се и на големиот одмор. Директорката на училиштето Даница Блажевска вели дека препораката е спроведена со заедничка согласност на учениците, наставниците и родителите, а целта е да се обезбеди продуктивна и ефективна наставна средина.
„Пред да се донесе препораката, имавме консултативни средби и координации со градоначалникот и општината што би било најдобро за интересот на децата за да имаме попозитивни резултати во образовниот процес и воспитувањето на самите деца. Учениците сфатија дека е во нивен интерес, дека не им ги одземаме мобилните, туку само ги тргаме во периодот кога им сметаат. Како училиште секогаш тежнееме кон современа настава и цело училиште е опремено со смарт табли, така што не го иземавме од целиот протокол тој момент и за учениците е овозможено користење на мобилни телефони само кога наставникот ќе има обработка на содржина во која се потребни истражувања. Во тој случај наставникот пријавува до лицето кое е задолжено за чување на мобилните телефони дека на тој час ќе треба да се земат телефоните. Родителите се известени дека можат ако има потреба да дојдат до учениците, да се јават на училишни телефони или на класните раководители. А и учениците кои треба да си одат предвреме пријавуваат кај одделенскиот раководител“, објаснува директорката Блажевкса.
И додека во дел од основните училишта во главниот град почнаа да се спроведуваат препораките на општините да не се користат телефони за време на наставата, во средните училишта, пак, телефоните и одредени мобилни апликации се ставаат во функција на образовниот процес.
„Во средно образование кога веќе сме свесни за потребите на часот и не ги злоупотребуваме телефоните, сметам дела би требало да продолжат да се користат, зашто се многу корисни и често наоѓаме многу корисни информации кои ни помагаат и нѐ водат во учењето и во наставата“, вели ученичка на скопската гимназија „Никола Карев“.
„Ако професорите побараат од нас да истражиме нешто, да провериме дали некоја информација е точна, тогаш се потребни, но на часовите каде што професорите предаваат не ни се потребни, зашто само ни го одвлекуваат вниманието“, додада ученик од истата гимназија.
Мобилните телефони може да бидат одличен извор за истражување и дополнителна едукација надвор од стандардните учебници, вели професорката од гимназијата „Никола Карев’’ Снежана Станкова.
„Учениците во средно образование веќе знаат како и зошто можат да ги употребат мобилните телефони и во наставата. Лично сметам дека мобилните телефони можат да се искористат во наставата, но тоа сепак е до начинот и пристапот и на професорот и од свеста и совеста на ученикот“, сметка професорката Станкова.
Преку мобилните телефони средношколците учат и како да препознаваат лажни вести, како да се заштитат од дезинформации.
„Секаков вид на информации коишто им се достапни на децата треба да бидат ставени во некакви канали за да знаат што е правилно, што треба да користат, како да се заштитат на интернет, многу се работи за безбеден интернет, а сето тоа е нормално поврзано со медиумската писменост“, додава професорката.
Досега учениците од оваа гимназија учествувале на неколку работилници за улогата на интернетот и како паметно и одговорно да се користи технологијата.
Разединетост за забраната за мобилни во наставата
Министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека неупотребата на мобилните телефони може да биде добро решение и дека ќе се направи анализа дали таквата мерка дава добри резултати. Според надлежните, електронските уреди како смарт табли и лаптопи треба да бидат присутни во текот на наставата, но дали децата за време на часот ќе ги користат телефоните ќе одлучи наставникот – носителот на образовната дејност, вели Јаневска.
„Таканаречената забрана на телефоните или неупотребата на телефоните на училиштата може да има добар ефект затоа штo учениците ќе бидат повеќе фокусирани на стекнување знаења, вештини и компетенции и да го следат часот. Секако дека во текот на образовниот процес ќе има потреба за користење на електронски уреди и сметам дека наставникот треба да одлучи во кој момент како треба да се употребуваат телефоните“, сметка министерката Јаневска.
Од друга страна, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски смета дека за време на наставата не треба да се употребуваат мобилни телефони.
„Се покажа дека и учениците, и образовниот процес, и наставниците имаат повеќе штета од мобилните телефони. Сметам дека нагледните средства коишто веќе ги има во училиштата – смарт таблите и лаптопите, се сосема доволни за одвивање на настава и ќе им овозможи на учениците одделување од мобилните телефони и борба со таа притаена зависност која што постои кај нив“, вели министерот Андоновски.
Од Агенцијата за аудио и аудиовизиелни медиумски услуги (АВМУ) велат дека во дигиталното време, кога информациите нè бомбардираат од секој агол, медиумската писменост кај децата станува вештина што е важно да се развива од најрана возраст зашто кога децата размислуваат критички, стануваат помалку подложни на дезинформации.
„Живееме во информациската ера веќе со децении и медиумската писменост е писменоста на информациската ера. Сега повеќе за да бидеме писмени не е доволно да знаеме да читаме и да пишуваме. Неоходно е да знаеме како критички да ги разбираме медиумските содржини. И токму тука лежи важноста на медиумската писменот. Медиумската писменост е нешто што нѐ засега сите нас и сите мораме да работиме на сопствената медиумска писменост зашто која било интернет измама на која што можеме да подлегнеме всушност може да се спречи односно ние можеме да се заштитиме доколку сме медиумски писмени“, објаснува Емилија Петреска Камењарова од АВМУ.
АВМУ има законско право за промовирање на медиумската писменост. Преку Мрежата за медиумска писменост е поврзана со креатори на политики, медиуми, едукатори и граѓански организации. Се организираат работилници и предавања, се прават истражувања на мислењата, навиките и перцепциите на учениците со фокус на нивната способност за разбирање на медиумските пораки кои секојдневно се пренесуваат преку различни медиуми и канали за информирање.
„Технологијата во наставата може позитивно да влијае. Може да ја вклучиме технологијата или мобилниот телефон во делот на истражување и прибирање на податоци и информации за да бидат во функција на воспитнообразовниот процес. Ригорозни мерки за забрана на користењето на мобилните телефони во наставата можеби ќе доведе до краткорочни резултати, но долгорочните резултати мора да ги добиеме преку континуирана едукација со учениците“, посочува Добри Јовевски, наставник во основното училиште „Илинден“ во Крива Паланка и обучен едукатор за медиумска писменост.
Во дигиталната ера одговорност имаат и образованието и родителите
Од Министерството за дигитална трансформација изработиле упатство за наставниците во основните и средните училишта за предизвиците со кои се соочуваат учениците на социјалните мрежи, особено на „ТикТок“ и понудиле неколку бесплатни или апликации со многу мал надомест со кои родителите можат да го контролираат пристапот на децата до содржините. Вториот чекор е формирање центар за побезбеден интернет, што дополнително ќе им дава ресурси и помош на децата, велат од Министерството.
„Секоја информација и содржина што ќе ја добијат преку нивните социјални медиуми или, пак, на мобилниот телефон преку апликациите треба да ја проверуваат. И треба да посветат многу повеќе време на дружење со своите пријатели, на поминување време со семејството отколку на мобилниот телефон затоа што сепак во виртуелниот свет сте сами, а реалниот свет се случува некаде надвор. Така што, не треба да веруваат на сѐ што ќе видат, ќе прочитаат или ќе слушнат“, вели министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
„Подигањето на свеста за злоупотребата на некои апликации од интернет треба да е обврска на образовниот систем, но многу значајна улога имаат и родителите кои секако треба да се вклучат во образување на нивните деца, но и целокупната околина, односно опкружувањето во коешто учениците и живеат и учат“, додава министерката за образование Весна Јаневска.
Според наставникот Добри Јовевски, како што е важна традиционалната писменост, толку е важна и мeдиумската писменост.
„Бидејќи постојано сме опкружени со најразлични информации коишто можеби во некој сегмент се и дезинформации и мора учениците да знаат како и на кој начин да направат поделба или да ги разграничат информациите коишто се точни од оние информации коишто се дезинформации. Сето тоа ќе го направат ако се медиумски писмени“, вели Јовевски.
Според истражувањето на АВМУ, околу 93% од анкетираните ученици пристапуваат на интернет преку своите паметни телефони. Во школски ден, 41% го користат интернетот до 3 часа дневно, 31% го користат од 3 до 5 часа дневно и 29% повеќе од 5 часа дневно. За време на викендите, повеќе од две третини или 67,9% од учениците поминуваат повеќе од 5 часа активно на интернет.
„Напредокот е случен. Секој напредок носи и слабости. Треба да се утврдат слабостите и треба тие да се отстранат. Не треба да се отстрани напредокот. Не сум за тоа да одиме со некакви строги забрани, туку да одиме со канализацирање на употребата, затоа што многу од работите коишто можат да помогнат за повисоко ниво на медиумска писменост се прават преку мобилниот телефон. Работата е како да им ги направиме часовите на децата доволно интересни за тие да не гледаат во телефоните“, посочува Емилија Петреска Камењарова од АВМУ.
Новите дигитални технологии може да бидат многу корисни за наставниците и за учениците. Медиумската и информациската писменост се тесно поврзани со пошироката палета дигитални вештини за кои е потребно да се направи рамка, како за учениците, така и за наставниот кадар. Ако се најде мера, мобилните телефони може да бидат од корист не само за децата, туку и за целиот систем.
Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Сунчица Николовска
Сниматели: Слаѓан Милошевски, Наке Батев
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска