Многу фалби, а малку реализација на гасификацијата во Македонија
- Многу фалби, малку реализација. Во периодот од 2014 до 2023 година се потрошени над 150 милиони евра, а крајот на гасификацијата не се гледа.
- Државната ревизија има низа забелешки за изградбата на магистралните гасоводи.
- И по изминати 13 години не се целосно завршени, дел од нив не се ставени во употреба, отсуствува и долгорочен план за развој на дистрибутивен систем на природен гас во државата.
Функционалниот гасовод во државава е изграден во 90-тите години од минатиот век. Се состои од еден магистрален гасовод кој се наоѓа на источната граница кај Деве Баир и се протега преку Крива Паланка, Кратово и Куманово до Скопје. Неговата должина е 98 километри, а заедно со блок станиците и приклучните места за разводни гасоводи изнесува речиси 130 километри. Вкупната должина, пак, на градските гасоводни мрежи изнесува речиси 80 километри. Државниот завод за ревизија утврдил дека во периодот од 2014 до 2023 година се потрошени 156,4 милиони евра за изградбата на магистралните гасоводи, а притоа тие не се во употреба или се недоградени.
Но, директорот на „Номогас“ Бајрам Реџепи вели дека изградбата е завршена целосно и дека градежните работи завршиле многу одамна.
„Изградбата започнала во 2018 година, иако договорите биле потпишани во 2016 година, но имало големо задоцнување бидејќи навреме не се почнала експропријацијата. Процесот на експропријација беше главната причина за одредени поместувања на роковите. Но, ние максимално се залагавме и после завршување на експропријацијата, тоа беше целосно завршено. Целата делница од Клечовце до Битола и делницата од Скопје, Тетово до Гостивар се целосно завршени. Во моментов се прават законски пропишаните постапки за потребните тестирања и ставање во употреба. Се надевам дека многу брзо сите овие делници ќе се стават во употреба и конечно тие региони ќе имаат пристап до природен гас“, објаснува Реџепи.
За делниците што не се изградени, ревизорите утврдиле постоење на залихи на материјали и резервни делови со вредност од приближно 1,6 милиони евра, што се набавени пред 2019 година и не се користат. Со тоа се доведува во прашање потребата од нивна набавка, како и можноста тие да бидат застарени и неупотребливи.
„Станува збор за опрема што беше предвидена за среднопритисната мрежа во Скопје и тоа беше во времето кога ГАМА и НЕР беа посебни институции. После нивното спојување, го средивме тоа. Секако дека одредени количини мора секогаш да се на резерва оти има одредени проблеми во градските мрежи и мора да има опрема за брза интервенција на терен“, одговара Реџепи на забелешките на ревизорите.
И експертите по енергетика обвинуваат дека има апсолутен застој во гасификацијата. Според нив, голема грешка е што одамна не се направила дистрибутивната мрежа до домаќинствата.
„Главниот гасовод од границата со Бугарија, од Деве Баир до Скопје, е изграден пред околу 25 години и поврзани се главно големи потрошувачи од индустрии и некои јавни објекти. А дистрибутивна мрежа не е направена, воопшто не е почната. Почнати се понекогаш постапки, тендери за избор на партнер што ќе биде дистрибутер, кој ќе ја гради мрежата и ќе стопанисува со неа, меѓутоа, таа постапка сè уште не е завршена и не знам дали скоро ќе заврши“, вели универзитетскиот професор Ристо Цицонков.
„Си играат со тендери што се со неверојатни тешки барања за тие што ќе го изградат. Дистрибуцијата како што доаѓа време, особено за големите градови Скопје, Штип, Битола, гледаме дека доцни и причината е само дека не се преземаат активности. Тоа се пари, но ќе се вратат бидејќи енергијата од киловат гас е поевтина од енергијата во киловат час електрична енергија, и тоа за два до три пати како единица на енергија“, смета Константин Димитров од Центарот за енергетска ефикасност на Македонија МАЦЕФ.
Според експертите, изградбата и развојот на дистрибутивната мрежа се клучни за природниот гас да стигне до домаќинствата, со што би се постигнало добивање на поевтин енергенс и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Природниот гас како енергенс за енергетската транзиција
Во стратегиите за енергетски развој донесени низ годините била предвидена изградба на термоцентрали на природен гас. Во период на енергетска транзиција овој енергенс треба да се користи за производство и на електрична и на топлинска енергија.
„Уште пред повеќе од 20 години во стратегиите беше предвидено да се изградат термоцентрали на гас, скратено ТЕ-ТО со комбиниран циклус – за производство и на електрична енергија и на топлина што ќе се користи за топлификација на градовите. Една таква ТЕ-ТО имаме, меѓутоа не е изградена од државата, таа е приватна инвестиција. Требаше досега да се направат најмалку две–три такви централи“, вели професорот Цицонков.
„Во Македонија мора да има гас. Во период на транзиција, тој треба да се користи генерално за производство на електрична енергија, но и за топлинска, во т.н. когенеративни постројки. Со тоа двојно се користи енергијата што е содржана во природниот гас“, дообјаснува Димитров од МАЦЕФ.
Директорот на „Номогас“ Реџепи вели дека природнот гас е превиден да биде транзитен енергенс според Национален план за енергија и клима, што е прилагоден со Зелениот договор на ОН, и дека треба да се користи до 2050 година.
„Користењето на природниот гас ќе биде за балансирање на целиот систем бидејќи од обновливи извори, посебно од фотоволтаични централи може да има енергија во текот на денот и летото. Во текот на ноќта мора да има енергенс што ќе го балансира целиот систем посебно во текот на зимата, кога се зголемува и кога се постигнува пикот во користење на енергијата. Апсолутно не е задоцнето. Во наредните 25 години природниот гас ќе биде тој транзитен енергенс и ќе има огромна улога во обезбедување на енергетските извори на државата“, смета Реџепи.
Според него, во изминатата грејна сезона во текот на зимата, цената на природниот гас била многу стабилна – меѓу 30 и 50 евра по мегават час, што било далеку поевтино од претходните години кога стигнала дури 360 евра по мегават час. А овој период цената се движи меѓу 20 и 30 евра по мегават час. Тој вели дека ако се следат регионалните и европските берзи и предвидувањата за наредниот период, не се очекува дека цената ќе се зголеми заради намалената потрошувачка во ЕУ и зголеменото производство, посебно во Блискиот Исток, афричките земји и Норвешка.
Придобивките од користењето на гасот се големи
Со гасификацијата се очекува граѓаните да заштедат на сметките за струја и топлина, компаниите да ја подобрат својата конкурентност, а има и еколошки придобивки. Најлесно за адаптирање на греење на гас ќе биде онаму каде што веќе се инсталирани системи за греење. Треба да се инвестира и во замена на апаратите за домаќинства.
„Ако се направи дистрибутивна мрежа и се поврзат определени блокови каде што е економски оправдано, тие ќе добијат енергенс што им овозможува поевтино загревање на домовите ако имаат котли и централно греење на куќите. Ако се сака во една зграда да се внесе гас, ќе мора да се вложат многу пари за придружната техника. Ако сакам да готвам на гас, треба да купам шпорет што ќе користи гас“, вели Димитров од МАЦЕФ.
„Точно е дека гасот е фосилно гориво, но ако се спореди со производство на електрична енергија, емисијата на штетни гасови од користењето на природниот гас е помала. Ако за еден мегават произведена електрична енергија емисијата на CO2 е околу 60 микрограми за еден мегават час, од користење на природниот гас е 6, што значи десет пати помало. Или ако го споредите со користење на дрвна маса тоа е околу 60 пати помало“, објаснува Реџепи од „Номогас“..
„За Скопје придобивките од гасот би биле огромни заради загадувањето на воздухот од несоодветно греење на простории и домови што користат дрва за греење, на неправилен начин, со неквалитетни печки, со влажно дрво. Има дури јавни објекти што сè уште се греат на нафта и мазут и вршат огромно загадување. Значи ако таму се доведе гас, тоа е супер за Скопје. И не само за Скопје, и за другите градови“, смета професорот Цицонков.
Стабилно снабдување со гас преку интерконекторот со Грција
Интерконекторот меѓу Македонија и Грција е предвидено да биде во должина од 123 километри, а почетниот капацитет да биде 1,5 милијарди кубни метри годишно. Директорот на „Номогас“ Реџепи вели дека постапката за доделување на договорот за градба ќе заврши до крајот на овој месец, по што ќе започне изградбата. Цената ќе се знаела после договорот, а изградбата треба да заврши до крајот на 2025 година.
„Овој проект е од исклучителна важност за државата бидејќи конечно ќе имаме алтернативи за снабдување и ги диверзифицираме нашите извори за снабдување. Ќе можеме нашиот пазар да го снабдиме и од Јужниот поток. Добиваме директен приклучок преку Десва до ТАБ – Транс Адриатик Таблајн. Ќе можеме да се снабдуваме од ЛНГ терминалите од Грција од Треветуса и од новиот што е веќе изграден во Александрополис. И секако нашата држава ќе може да биде како хаб да ги снабдуваме и северните соседи Србија и Косово, но и целиот пазар во централниот дел на Европа. Од тоа ќе имаме големи придобивки бидејќи секако дека приходите од транзитот низ државата ќе бидат огромни“, објаснува Реџепи.
И експертите се согласни дека патот кон стабилно снабдување со природен гас треба да го отвори интерконекторот со Грција.
„Тоа ќе биде над Солун и ќе биде клучката која ќе влезе во Македонија кај Гевгелија, ќе се приклучи кај Неготино на веќе нашата преносна мрежа што оди од бугарскиот дел преку Штип до Неготино кон Битола. Треба да се изградат две когенеративни термоцентрали под итно – едната во Битола, едната во Скопје. Во Битола, со транзиција од јаглен кон природен гас ќе се обезбеди цената на енергијата да биде пониска од таа што се плаќа сега – еден тон јаглен по 64-65 евра на берзата“, вели Димитров од МАЦЕФ.
„Повеќе треба да се гледа од сигурносен аспект. Моментално гасоводот што доаѓа од бугарска граница до Скопје е искористен со околу 20 проценти, а ако работи ТЕ-ТО до 40 проценти. Тој гасовод воопшто не е искористен последниве 25 години. Имаме ние гасовод, меѓутоа проблемот е сигурност во снабдувањето. После војната на Русија со Украина има прекинување на доводот на гас од Русија или преку Бугарија и во тој случај ќе останеме без гас, не само за мали објекти туку и за индустријата и тоа би било голема штета. Од тој аспект мора да се направи нов интерконектор“, заклучува професорот Цицонков.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Сунчица Николоска
Сниматели: Слаѓан Милошевски, Наке Батев
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска